Поставеноста на монетарната политика е соодветна на макроекономските услови


Одржана редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка

На 12 јануари 2021 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На оваа седница беше одлучено каматната стапка да се задржи на историски најниското ниво од 1,5%, со што монетарната политика го задржа релаксираниот карактер. Намалувањето на основната каматна стапка во изминатата година, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици и неизвесност, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка измината година е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Последно расположливите макроекономски показатели за бруто домашниот производ упатуваат на годишен пад на економијата во првите три квартали од годината од 5,9%, што е во согласност со очекувањата од последните проекции. Во однос на четвртиот квартал, последно расположливите податоци за економската активност посочуваат на поповолни движења во домашната економија во однос на претходниот квартал, во услови на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на ковид-19, како и постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба. Натамошно забавување на годишниот пад бележат индустријата и прометот во вкупната трговија, потоа кај градежништвото има забрзување на растот, а единствено неповолни движења се забележуваат кај прометот во угостителството.

Просечната годишна стапка на инфлација за целата 2020 година изнесува 1,2%, што е во согласност со проектираната стапка според последната проекција. Во услови на ревизии кај надворешните влезни претпоставки во различни насоки, сѐ уште е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, согласно со неизвесните економски ефекти од вториот бран на пандемијата на ковид-19 и нејзиното времетраење, како и појавата на мутација на корона-вирусот.

Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, со динамика на промена во последниот квартал којашто е подобра од очекуваната согласно со последните проекции. Оттаму, измината година е остварен раст на девизните резерви од околу 100 милиони евра, наспроти очекуваниот пад. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор, последните податоци за менувачкиот пазар и за надворешнотрговската размена упатуваат на можност за остварувања кај приватните трансфери и кај трговскиот дефицит во рамките на очекувањата за последниот квартал.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци заклучно со декември покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, повисок од проектираниот за депозитите, а кај кредитите остварувањата се главно во рамките на очекувањата согласно со проекцијата.

Во периодот од последната, декемвриска, седница на Комитетот наваму, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута забележа позначителен пораст, условен главно од остварувањето на дел од четвртиот пакет мерки за ревитализирање на економијата во услови на ковид-19. Во такви околности, банките имаа многу ниска и повремена потреба за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари. Поволни движења имаше и на девизниот пазар, видливи пред сѐ преку растот на нето-понудата на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар. Овие пазарни остварувања беа проследени со натамошно зголемување на девизната ликвидност на банките, поради што Народната банка за првпат во 2020 година интервенира со откуп на девизи. Поволните случувања на девизниот пазар продолжуваат и во првата половина на јануари, при забележан нето-откуп на девизи од страна на банките.

Во декември, започнувањето на процесот на вакцинирање против корона-вирусот во повеќе земји, постигнувањето на договорот за Брегзит помеѓу Обединетото Кралство и ЕУ и очекувањата за натамошна поддршка на економскиот раст од носителите на политиките создадоа оптимистички согледувања кај инвеститорите околу перспективите за економското закрепнување на глобално ниво. Оптимизмот на меѓународните финансиски пазари придонесе за зголемен интерес за вложување во повисокоприносни финансиски инструменти, поради што продолжи растот на глобалните берзански индекси, а вредноста на САД-доларот се намали. Цените на државните обврзници немаа позначителни поместувања во текот на месецот, односно се задржаа на релативно високи нивоа.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Сепак, неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветно приспособување на монетарната поставеност, доколку е потребно.


Видете следно

Битиќи на отворањето на OECD центарот во Истанбул: Предизвиците да ги претвораме во можности

Да се бориме заедно против корона пандемијата, а предизвиците да ги претвораме во можности, порача …