Потпишана Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија


Министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми вчера престојуваше во еднодневна работна посета на Република Бугарија како дел од официјалната делегација предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во која беше и државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири.

Во рамките на посетата, министерот за култура со својот бугарски колега Боил Банов ја потпиша Програмата за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија. Овој билатерален документ кој се надоврзува на потпишаниот Договор за добрососедство, пријателство и соработка ќе ги интензивира културните врски меѓу двете држави во кои низ годините наназад се реализираа бројни иницијативи и проекти од сите дејности од областа на културата. Во двете држави од 2005 година егзистираат и културно-информативни центри во кои континуирано се претставуваат уметници и институции од двете држави.

Во рамките на посетата, министрите за култура положија и венец на споменикот на Гоце Делчев во Софија, со што се одбележа 147-годишнината од раѓањето на великанот, а воедно присуствуваа и на културно-уметничката програма, која по овој повод се реализираше во Културно-информативниот центар на Република Mакедонија во Софија. На настанот партиципираа уметници од повеќе држави кои интерпретираа извадоци од творештвото на Петре М. Андреевски, Пејо Јаворов, како и од музичките великани Жорж Бизе, Џузепе Верди, Јохан Штраус и др.


Видете следно

АНАЛИЗА: Само 1 % од жените земаат плата повисока од 40 000 денари  

Од вкупниот број на вработени во земјава, 60,8% се мажи а 39,2% се жени. Најновите …