ПОУ „Маца Овчарова” ќе се реорганизира, за две години ќе стане ОУ со Ресурсен центар


Посебното основно училиште „Маца Овчарова” од Велес за две учебни години ќе премине во Основно училиште со Ресурсен центар, чии наставници постепено ќе ги оспособуваат учениците со посебни потреби да тргнат во редовна настава. Дотагаш ќе тече преодниот период во кој наставниот кадар ќе се приспособува да дава нови услуги за ученици со попреченост: асистенција, редовна и лична асистенција, рехабилитација и третман.

ПОУ „Маца Овчарова” од Велес во наредниот период ќе има нова реорганизација што би значело дека според Законот за основно образование од 2019, ова училиште, кое е едно од петте посебни училишта во земјава од 2023 година ќе биде училиште каде нема да се запишуваат деца со попреченост.Тоа значи дека од 2023 година сите ученици со попреченост ќе бидат запишани во редовното образование, но само дел од часовите ќе ги посетуваат во редовно, а дел во училиштето „Маца Овчарова”. Во овој период следи комплетна реорганизација, што значи донесување нов статут и нова систематизација на работа.

Со тој нов статут ПОУ „Маца Овчарова” ќе премине во училиште со Ресурсен центар. Со тоа од 2023 година ќе ја дава комплетната поддршка во секој поглед на сите ученици кои ќе бидат запишани во редовниот образовен систем, појаснува за МИА, Мирјана Дамњановиќ, директор на ова училиште. Во наредниот период директорката и нејзините колеги од наставно стручниот тим педагози, психолози, логопеди, дефектолози и останатите ги чека напорна работа сето тоа да го приспособат за новите потреби.

Учениците од идната учебна година ќе бидат со асистенција, редовна и лична асистенција, рехабилитација и третман.

Додава дека Законот за основно образование, исто така, предвидува дека учениците со попреченост пред да се запишат во редовниот образовен систем ќе треба да посетат Комисија наречена МКФ, која ќе одреди кои од децата ќе бидат комплетно запишани во редовна образование, а на кои ќе им биде препорачано да ја следат наставата во Училиштето со Ресурсен центар.

-Тоа ќе значи дека едно дете само со неколку часа ќе оди во редовно образование, а останатите часови ќе ги посетува во Центарот за рехабилитација. Додека децата коишто имаат подобри способности, поголемиот дел од наставата ќе ја посетуваат во редовно училиште, а само мал дел од часовите ќе ги посетуваат во Центрите за рехабилитација, информира Дамњановиќ.

Таа појаснува дека од јуни сите ученици кои се запишани во редовниот образовен систем, а имаат одредена попреченост ќе добијат образовен асистент, кои ќе бидат вработени во ПОУ „Маца Овчарова”.

-Со тоа секое основно училиште од Велес од следната учебна година ќе треба да поднесе барање до ПОУ „Маца Овчарова”, односно Ресурсниот центар и оттаму да добие онолку образовни асистенти колку што ќе им бидат потребни за децата коишто се инклузирани во нивниот образовен систем, појасни Дамњановиќ.

Воедно ПОУ „Маца Овчарова” освен за Општина Велес, ќе дава поддршка и рехабилитација и на општините Чашка, Кавадарци, Росоман, Демир Капија, Неготино, Градско, Лозово, Свети Николе, Карбинци, Штип и Пробиштип.

-Тоа ќе значи дека ќе имаат поддршка од искусни дефектолози, кои работат во ова училиште, а ќе имаат и поддршка од образовни асистенти кои заедно со учениците дирекно ќе ја следат наставата во самото училиште.

Повеќе придобивки

Таа појаснува дека со ова наставниците и училиштата коишто инклузираат деца со попреченост нема да бидат оставени сами на себе, нема да лутаат во образовниот систем, а ќе имаат поддршка од стручниот тим на посебните училишта.

Децата ќе ја добијат стручната помош од образовните асистенти коишто цело време со нив ќе присуствуваат на настава без разлика дали наставата ќе ја имаат во редовното училиште или во училиштето кое ќе биде со Ресурсен центар, според тоа каде ќе имаат час во текот на денот.

Друга придобивка е што овие деца нема да бидат скриени од целата јавност во земјава – таму некаде во некое училиште, туку ќе комуницираат со своите врсници и ќе имаат заедничка соработка и дружење, појаснува Дамњановиќ.

Освен ПОУ „Маца Овчарова”, кое е реонско има уште четири вакви реонски посебни училишта во земјава кои ќе станат Училишта со Ресурсен центар : тоа се ПОУ „д-р Златан Сремац” од Скопје, ПОУ „Иднина” од Скопје ПОУ „Св.Климент Охридски” од Ново Село и ПОУ „Кочо Рацин” од Битола. Тие како и велешкото ќе ги покриваат основните училишта од својот поширок реон.

ПОУ „Маца Овчарова” уште од 2010 ја подржува инклузијата

ПОУ „Маца Овчарова” во Велес уште од 2010 година има политика на поддржување на инклузијата која се реализира во Велес, Чашка и Градско.

Тоа значи дека има одржано повеќе работилници на наставниците за изработка на индивидуален образовен план, за карактеристиките на децата со попреченост. Како и обуки за тоа како едно дете со посебни потреби да се инклузира во училница и како една средина да се подготви да го прифати.

Таа појаснува дека обука имаат направено и со родители на деца со попреченост и на родители на деца со типичен развој каде што тие помеѓу себе разговарале за можностите за инклузирање на овие ученици.

-Родителите помеѓу себе си ги кажаа своите маки, но целтта беше и да видат како треба да изгледа тој процес, а потоа и тие дома да работат со своите деца и да им објаснат како изгледа инклузијата, појаснува Дамњановиќ.

Исто така, во средните училишта, во Гимназијата „Кочо Рацин” во Велес направиле обука на тинејџери, за во даден момент да помогнат на децата со попреченост со различни активности.

За некои родителите новината е лесна, а за некои тешко прифатлива

-Родителите на децата со попреченост се особено задоволни од овие новини и сметаат дека тоа е вистинскиот чекор. Меѓутоа дел од родителите, кои имаат деца со типичен развој, ова им е се уште новина и се уште нејасно. Затоа дел од тие родители се исплашени и не знаат како понатаму. Но повторно ќе им порачам, благодарение на сегашните искуства коишто ги имавме и оваа новина ќе ја прифатат како бенифит за своите деца. Впрочем и инклузијата во земјава постои многу години, појаснува Дамњановиќ.

Додава дека дел од родителите и средината – како општа јавност почнува да го прифаќа овој нов модел.

-Така што сметам дека и тие родители кои се уште имаат недоверба, очекувам дека нёскоро и тие ќе се прилагодат кон новините, оценува Дамњановиќ.

Се уште нема измени во Законот за средно образование

Таа информира дека тоа значи дека средните училишта кои досега работат како посебни средни училишта каде што учениците од посебните основни училишта понатаму одат да се дообразуваат ќе останат како такви.

-Понатаму се’ ќе зависи од посебноста и развојот на овие деца, односно дали тие и понатаму по завршување на основно ќе одат во овие посебни средни училишта или пак оние ученици коишто ќе постигнат подобри резултати ќе можат да одат и во некое друго редовно средно стручно училиште, појаснува Дамњановиќ.

ПОУ „Маца Овчарова во Велес работи од 1973 година и моментално има 46 ученика од прво до деветто одделение и 18 наставници. Во училиштето освен од општина Велес, се образуваат и деца од општините Градско, Чашка, Демир Капија, Неготино, Кавадарци и Свети Николе.

Инаку во интернатот на училиштето поради Ковид пандемијата во земјава моментално престојуваат само пет ученици и од општина Чашка – село Мелница и Карбинци.

Велес, 28 февруари 2021 (МИА) –


Видете следно

За еден ист стан во Скопје капар плаќаат тројца купувачи, пријавен агент за недвижности

По неколку години, повторно манипулација со продавање на станови. За еден ист стан во Скопје, …