Breaking News

Повик за средношколци за учество на летен воен камп за млади во Црна Гора


Пет средношколци од земјава имаат можност да учествуваат на летен воен камп за млади од 26 јуни до 10 јули 2023 во Црна Гора. Министерствата за образование и наука и за одбрана го објавија повикот за кампот на кој ќе учествуваат и средношколци од Црна Гора.


Како што објави МОН, целта на проектот е средношколците да ги тестираат своите вештини како војници, преку активности и дружење да развиваат чувство за солидарност и пријателство, да стекнат знаења за улогата и значењето на армиите во општеството и на тој начин да им се зајакне интересот за воената професија.


-Програмата предвидува секојдневна обука во разни воени и други вештини: медицинска обука, натпреварување во топографија и ориентација, ракување со оружје и гаѓање, обука за работа со средства за комуникација, кампување (исхрана и преживување во природа, обука на брзи води и сплаварење-рафтинг, извидничка обука и ориентација во ноќни услови) и обука во качување со јаже. Покрај тоа, за учесниците во кампот се подготвени бројни спортски-рекреативни и културно-забавни активности, се наведува во повикот.

Учеството во кампот е бесплатно, нашето Министерство за одбрана ќе обезбеди комплети на униформи за учесниците и ќе ги покрие трошоците за превоз и осигурување, а Министерството за одбрана на Црна Гора обезбедува сместување, исхрана и медицинска помош. Кампот ќе биде организиран во единиците на Војската на Црна Гора во Даниловград, Колашин, Плевља и Тиват.


-За време на траењето на Летниот воен камп за млади, припадници на Војската на Црна Гора ќе се грижат за безбедноста на учесниците во кампот. Со учениците од Република Северна Македонија ќе престојува и старешина од Армијата кој ќе биде задолжен за редот, дисциплината и реализација на предвидената програма, наведено е во повикот.

Кандидатите ќе ги избира комисија од МОН. Во условите за пријавување, меѓу другото, стои дека учениците треба да се од трета и четврта година од средните училишта во државава и да постигнале најмалку многу добар успех во секоја година од средното образование.


Јавниот повик е отворен пет дена од денот на објавувањето. Во него се наведени документите што треба да се поднесат, достапен е формулар за пријавување и информации за начинот на аплицирање. хс/са/

Фото: МИА архива