Breaking News

Повторно инциденти во ромски населби во Атина


Трет ден по ред продолжија инцидентите во неколку ромски населби во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина поради случајот со 16-годишниот Ром во Солун, кој во понеделникот беше застрелан од полицаец, јави дописничката на МИА од Атина.

Инцидентите се случија доцна синоќа, кога група Роми палеле канти за отпадоци и гуми, а според грчките медиуми ја нападнале и полицијата, пукајќи со  ловечко оружје при што бил повреден еден полицаец.


Ромите реагираат откако во понеделникот 16-годишен Ром беше застрелан од полицаец во Солун и е хоспитализиран во критична состојба.

Момчето застанало на бензинска станица, наполнил бензин и побегнал без да плати и била информирана полицијата, по што полицајци со мотори го бркале возилото управувано од 16-годишниот, кој откако не одговорил на барањата да застане, според медиумите, бил застрелано во пределот на главата од еден од полицајците.


Полицаецот, кој пукаше во момчето денеска е изведен пред истражен судија во Солун, а пред судот, роднини и пријатели на момчето одржуваат протест и бараат правда за сериозно повредениот 16-годишник.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, ставот на полицаецот е дека дејствувал во самоодбрана, поради опасноста во која биле неговите колеги кога малолетниот возач се обидел да ги удри со својот автомобил,а  во однос на истрелите, дека нишанел ниско кон гумите, а не кон возачот