Breaking News

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување од пленарна седница на законите за игрите на среќа и на лековите и медицинските средства


Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе бара повлекување на два закони од денешната собраниска седница и тоа Законот за игрите на среќа, кој е предложен да се носи со европско знаменце, и Предлог законот за дополнување на Законот за лекови и за медицински средства.


Пратеникот Миле Лефков денеска на прес-конференција истакна дека евроспкото знаменце се злоупотребува за Законот за игрите на среќа, кој нема никакво повикување на регулатива или директива која се транспонира во домашното законодавство. Неговата пратеничка група ќе бара овој закон да се симне од дневен ред на денешната седница, а Собранието дополнително да ја преиспита употребата на ЕУ знамето за овој закон.


Лефков кажа и дека група свиркачи до ВМРО-ДПМНЕ изнеле сериозни аргументи дека „ваквото законско решение го има пишувано еден вицепремиер кој неколкукратно ќе го зголеми своето лично богатсво доколку овој закон биде донесен“. Пратеникот рече дека на мала врата сакаат да се протнат измени што би овозможиле формирање паралелна државна видеолотарија, процес што, како што кажа, се одвивал под покровителство на Артан Груби.

-Инсистирањето на ДУИ да се донесе овој закон ќе ни направи потенцијални проблеми со одредени земји-членки на ЕУ, рече Лефков.


Пратеничката Рашела Мизрахи на одвоена прес-конференција истакна дека Предлог законот за дополнување на Законот за лекови и за медицински средства содржи само малверзација иако Владата се обидува да го претстави како решение на проблемот за набавка на лекови за ретки болести.

-Со законот Министерството за здравство склучува посебни договори со фармацевстки компнии по претходна согласност од Владата. Најскандалозно во овој закон е што цената по која што ќе биде набавен лекот од производеителот ќе се третира како деловна тајна, што е во директна спротивност со Законот за јавни набавки. Ова значи дека фармацевстката компанија која што го набавила лекот ќе моѓе да го продава многу поскапо отколку што го набавила а притоа лицето кое ќе го купи лекот нема да добие рефундација на средствата, рече Мизрахи.


Во Собранието денеска треба да се одржи 106. сецница на која на дневен ред се предложени повеќе точки. ев/aa/

Фото: МИА