Пред неколку години од САД се вратила да живее во Охрид: Прочитајте го овој емотивен текст за односот на Македонците кон дијаспората


Сум видела наши државници (еден пример, во Калифорнија) надмени, во скапи одела со рацете в џеб еден до друг божем сите останати лепрозни, а дојдени да ја молат македонската “сељандурија”/дијаспора за гласови – никогаш не ги видов да бидат човечни, непосредни или љубезни. Извештачени хиени.

Додека читате портали од полуписмени новинари или вести од “определени” новинари – за тоа како Боге го виел знамето од Кутлеш на фејсбук, Алексо си го истетовирал Александар, Стефани го нацртала пропелерот на образите….. заборавате дека покрај нив постојат прекрасни, благородни луѓе кои направиле многу за државата но никој за тоа нормално не сака да пишува. Кога саркастично јавно ја повикувате македонската дијаспора “што сте направиле за Македонија?” што сакате од нив поточно?!? Многу понудиле помош но биле испратени во “мајчина” од вас кафич муабетчиите со “Ако не ти одговара нечистотијава шо не си одиш назад?!” Или “Дојдовте овде памет да ни солите”……Многу од нив праќаат пари за најблиските дома за да можат да преживеат. На годишно ниво тоа е голема бројка, сепак никој за тие бројки не зборува. Но вие сте се запнале за она популарното (Јас ќе дам $2 за Македонија!) А зошто па да даваат?! Многу дале или вложиле во илијадници и милиони – нашата држава им ги стопи, украде и на тој начин повторно избрка нашите, можеби не премногу но доволно богати Македонци. Знаете колку велат “никогаш повеќе нема да вложам во Македонија”. Заради тоа никогаш нема ни да се вратат.

Имаме одлични интелектуалци во странство за кои што кога би се пишувало кај нас за нивните достигнувања – мислам дека не би останале рамнодушни. Додуша, ќе ви проработи малце гордоста но веднаш ќе ја замените со вашиот познат сарказам и цинизам. А, да ги повикавте можеби на едно интервју па после да се проширеше по социјалните мрежи? Не, кај нас е право уживање воајеризмот, а после пљукање по селфијата и порциите од рестораните. Вас успехот туѓ, а воедно и наш не ве тангира, нити инспирира, напротив ве потиштува.

Феномен или не, само во Македонија е срамно да си националист и да си го сакаш својот народ и својата држава.

Иако мојата интимна химна би била Imagine на Lennon, текстов го напишав во име на сите наши луѓе на кои што душата им плаче да можат да се вратат и достоинствено да живеат во државава но не смеат, во името на моите дедовци печалбари, во името на моите родители кои од кога се вратија од Шведска ( за љубовта према Охрид и своите) не можеа да добијат работа 4 години после тоа, за борците за слобода, во името на сите нас кои што сме жртви на нечии хирови и глупавоста која е неизлечива болест наша насушна.


Видете следно

Силјановска победи во Скопје, а Пендаровски подобар во општините Сарај, Чаир Шуто Оризари, Карпош …

Во првиот круг на претседателски избори во град Скопје победи кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова. …