Предадена во употреба шестата зграда во населбата Хабитат во Велес


Дванаесет млади семејства со деца од денеска ќе живеат во новата шеста зграда во населбата Тунел 2 во Велес изградена од „Хабитат Македонија” за семејства со ниски приходи. Со предавањето на клучевите од новите домови на семејствата, се заокружува програмата за новоградби во Велес, која е дел од традиционалната програма на Хабитат за градење на пристојни и достапни домови за оние на кои им е најпотребно.


Зградата во употреба ја пуштија вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, градоначалникот на општина Велес Марко Колев, Рик Хатавеј, потпретседател на Habitat for Humanity за Европа и за Блискиот Исток, претставници на Хабитат Македонија, Habitat for Humanity International гости и соработници на Хабитат Македонија.


Вицепремиерот Битиќи, кој минатото лето волонтираше еден ден во изградбата на новата зграда, заедно со останатите волонтери, беше меѓу првите што денеска на дванаесетте семејства им посака среќно вселување во новиот дом.

Тој нагласи дека во изминатите четири години се изградени или се во фаза на изградба 864 станбени единици за лица од социјално загрозени семејства.


-Само оваа година продолжуваме да инвестираме во уште повеќе исти вакви станбени единици затоа им благодарам на Хабитат што работат во нашата земја. Ви благодарам што ме поканивте хуманитарно да учествувам во изградбата на оваа зграда. Им благодарам на сите волонтери што мисијата и визијата за хуман, солидарен и свет, кој го гарантира исполнувањето и почитувањето на основните човечки права се шири преку вакви иницијативи и партнерства, порача вицепремиерот Битиќи.

Градоначалникот на Велес Колев, кој свечено ја пушти во употреба новата зграда, истакна дека хуманата дејност на „Хабитат Македонија” повеќе од 15 години е пример за хумано делување и директен придонес кон ранливите категории во заедницата.


– Драго ми е што денес можам да бидам дел од предавањето на клучевите од станевите на 12 семејства со ниски примања со што Хабитат го заокружува проектот за изградба на шест вакви згради во Општина Велес. Значењето на нивната дејност е уште поголемо поради развојот на волонтерството како главен двигател за реализација на овие проекти. Се надевам дека вакви и слични проекти ќе се реализираат и во иднина, а Општина Велес и јас како градоначалник и понатаму остануваме отворени за соработка, изјави градоначалникот Колев.

Сашко Трајковски кој доби клучеви да живее со своето семејство се заблагодари пред присутните од името на сите станари.


-Ви благодарам на сите што сте тука со нас да ја поделиме радоста од добивањето нов дом. Од името на сите семејства, нови станари, сакам да се заблагодарам на „Хабитат Македонија”, но и на сите волонтери кои го вложија својот труд и позитивна енергија и ни овозможија пристојни домови. Ова е нов почеток за сите нас, нов дом, изјави Трајковски.

Драган Малиновски, претседател на Управиот одбор на „Хабитат Македонија” информира дека зградите на Хабитат се градат со помош на донации кои ги испраќаат афилијациите на Хабитат од САД, од обновливиот фонд на „Хабитат Македонија”, како и со средства и труд вложени од волонтери кои доаѓаат од целиот свет на градилиштето во Велес. Појасни дека од денеска „Хабитат Македонија” овозможува нови пристојни и достапни домови на уште 12 семејства во традиционалната програма за новоградби Велес.

-Со овој чин искажуваме и благодарност за сите кои се дел од оваа приказна – Habitat for Humanity International во делот на поддршка и на заложбите на волонтерите, кои учествуваа во изградбата на зградите на оваа локација, нашите соработници и властите, како и посветеноста на вработените на „Хабитат Македонија”. Ја продолжуваме мисијата на Хабитат да обезбедиме едноставни, пристојни и достапни домови, истакна Малиновски.

Хатавеј изрази задоволство да се биде меѓу сите партнери кои, како што рече, помагаа да се изгради оваа зграда.

-. Посебно сакам да се заблагодарам на локалните и централните власти, кои го поддржуваат овој проект, кој овозможува соодветно пристојно домување на овие семејства. Во зградата има вложено многу материјал, но и многу пот и љубов. Сѐ уште е ова само зграда, но со вселувањето на овие дванаесет семејства, ќе стане набрзо дом, изјави Хатавеј.

Новата зграда има корисна површина од 805 метри квадратни со 12 стана од 45,7 до 68 метри квадратни, градени според стандардите за висока енергетска ефикасност. Во изградбата на шестата зграда, која започна 2018 година, учествуваа 22 меѓународни тимови со 397 волонтери, кои вложија над 11.000 волонтерски часови.

Програмата за новоградби во Велес, „Хабитат Македонија” ја почнува 2007 година во рамки на која се изградени шест згради со вкупно 48 нови станови. При изградбата на становите, заклучно со 2020 година учествувале околу 2.000 или поточно 1.727 меѓународни волонтери од повеќе од 30 земји во светот, со повеќе од 70.000 волонтерски часови. Согласно принципите на Habitat for Humanity International, целна група на програмите се семејства со ниски приходи кои живеат во неповолни/супстандардни услови.

За таа цел „Хабитат Македонија” има развиено интегрална методологија која на селектираните семејства им помага преку некомерцијална цена на новоизграден станбен простор и поволни услови на финансирање. За овој проект во 2018 година, „Хабитат Македонија” го доби највисокото признание на Општина Велес, плакетата „9 Ноември” за постигнати резултати од значење за Општина Велес и нејзината афирмација во земјата и светот, особено во областа на промовирање хумани вредности и развој на волонтерството. ад/мд/

2023-01-26 15:31:57, од Антоанела Димитриевска, Велес