Предавање „Пофалба на младоста“ на КРИК – фестивал за критичка култура


КРИК – фестивал за критичка култура во организација на „Контрапункт“ продолжува утре (вторник 24 ноември) со второто предавање од третиот програмски дел на тема „Пофалба на младоста“. Гостин на фестивалот е Александер Гарсија Дитман, кој ќе одржи онлајн предавање со почеток во 19, 30 часот, а по предавањето ќе се одржии и дискусија со  модераторот Станимир Панајотов. Предавањето ќе се одржи на англиски јазик, со пренос во живо на официјалната фејсбук страница на КРИК, на следниот линк: https://www.facebook.com/KRIKfestival/

Темата на годинашното издание на КРИК 05 е „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“ е  инспирирана од книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“ и понатаму останува да биде актуелна.

„ Ако младоста е денес мртва затоа што младите склучиле пакт со родителите, мораме да ја сфатиме идејата на ваквиот чин. Кога ќе се обидеме да го утврдиме тоа, сфаќаме дека историјата на филозофијата од Платон, па, сѐ до Бадју ја поима младоста во рамки на едно транзициско доба, или во рамки на иницијациски обред кој минува. Млади се оние кои престанале да бидат деца и кои се на пат да станат возрасни, односно, да станат одговорни граѓани, татковци на семејствата кои влеваат сигурност, даватели на услуги врз кои можеме да се потпреме, автономни субјекти, рационални/разумни возрасни луѓе. Но, зар не може да се замисли една поинква, помалку конзервативна идеја за младоста? Зар не може некој да испее една поинаква пофалба на младоста? Не ли е младоста и второто име за нескротливата и анархична сила?“, пишува Дитман, најавувајќи го своето предавање.

Александер Гарсија Дитман предава филозофија на Универзитетот за уметност во Берлин. Пред да се пресели во Германија, дваесет години живее во Лондон, каде што предава на Голдсмитс, а воедно е и визитинг професор на Кралскиот колеџ на уметностите (Royal College of Art). Во негови последни публикации се вбројуваат: „Што знае уметноста? За  естетиката на отпорот“ (2015), „Што е современа уметност? Кон политичката идеологија“ (2017) и „Љубовна машина. Потеклото на уметничкото дело“ (2018). Сите се изданија на Konstanz University Press. Во подготовка се следните изданија: „Пофалба на младоста“ (2021), „Безнадежните“ (2021) и „Па што: Како да се создаваат филмови без зборови“ (2022). Тој е уредник на Француското издание на курсот предавања од Жак Дерида, „Теорија и практика“, Галиле, Париз, 2017 (“Théorie et pratique”, Éditions Galilée: Paris 2017), а се појавува и како актер во новиот филм на Албер Сера „Слобода“ (2019).

Постојани партнери на Контрапункт и КРИК се: Мултимедијалниот институт МаМа од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Booksa (Културтрегер), Загреб, порталот Окно – okno.mk

КРИК – фестивал за критилка култура е поддржан од: Allianz Kulturstiftung, Министерство за култура / Ministria e Kulturësа Министерство за култура на Северна Република Македонија, Goethe-Institut Skopje, Гете институт Брисел, Креативна Европа, Фондација Отворено општество – Македонија


Видете следно

Иновативни производи кои ја одбележаа 2020 година

Големи пожари, политика, протести и КОВИД-19 се она што ја одбележа изминатата 2020 година. Сепак, …