Премиерот Спасовски оствари средба со италијанскиот МНР, Луиџи ди Мајо


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски се сретна со Луиџи ди Мајо, министерот за надворешни работи на Италијанската Република.

На средбата е констатирано дека нашата држава живее денови што ќе влезат во историјата на Република Северна Македонија, како што се завршните процедури за полноправно членство во НАТО и очекуваниот исчекор во евроинтеграциите. Оценето е дека влегувањето на земјава во НАТО ќе значи и нови можности за соработка на економски и безбедносен план, како со Италијанската Република, така и со другите земји членки.

На средбата се потврдени реформските постигнувања, воспоставените добрососедските односи и натамошните аргументи што ги дава нашата држава во определеноста кон напредок, како што е носењето на Законот за јавно обвинителство. Поради сето ова, соопштено е дека Италијанската Република како сведок на овие заложби, ќе ја пренесе пораката за оправданост на очекувањата на земјава за отворање преговори со ЕУ и ќе продолжи во првите редови активно да се заложува, тоа да се случи.

Премиерот Спасовски се заблагодари на премиерот Конте и на Италијанската Република за големата, искрена и пријателска поддршка што ја даваат на Република Северна Македонија и нашите граѓани.

„Живееме остварување на стратешките цели, по сѐ што постигнавме низ политиките на дијалог и на планот на реформите. Продолживме со реформите и остануваме цврсто определени на спроведувањето на договорите со Бугарија и со Грција. Се радуваме на остварените перспективи во НАТО и го очекуваме заслужениот почеток на преговорите со ЕУ. Тоа е патот за развој на нашата држава и затоа како Влада остануваме мотивирани кон остварувањето и на оваа цел. Вреднувањето на примерот на позитивни политики што го покажавме како држава, ќе биде силна мотивација и за решавањето на отворените прашања во целиот регион, како и за Европска Унија кон којашто припаѓа и Западен Балкан“, рече премиерот Спасовски.

На средбата е изразена заедничка определеност за уште поголемо унапредување на економската соработка меѓу двете држави којашто веќе бележи резултати.


Видете следно

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Резолуција во предметот за исправноста на МРП вакцините

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Резолуција дека нема место за јавно–обвинителска …