Премиерот Заев и канцеларот Курц: Австрија останува силен партнер на Република Македонија која заедно со Грција ја донесе најдобрата вест за регионот и за цела Европа


Владина делегација предводена од премиерот Заев, а во чиј состав беа и Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за финансии, Драган Тевдовски, како и министерот за здравство, д-р Венко Филипче, денеска во Виена оствари средба со Канцеларот на Република Австрија, Себастијан Курц.

Премиерот Заев и канцеларот Курц се согласија дека Република Македонија, односно наскоро Република Северна Македонија и Република Австрија негуваат одлични билатерални односи и на политички и на економски план.

На средбата премиерот Заев му се заблагодари на својот австриски колега за континуираната поддршка којашто ја добива Република Македонија од Република Австрија години наназад. Истакнувајќи ја посветеноста на земјата за имплементација на договорот од Преспа, премиерот Заев посочи дека истовремено Република Македонија е силно насочена кон спроведување на реформи во повеќе области.

Од своја страна, канцеларот на Република Австрија Себастијан Курц ја поздрави храброста на премиерот Заев но и на целата земја за потпишување на Преспанскиот договор. Тоа, како што рече канцеларот Курц е најдобрата вест за регионот, но и за цела Европа.

Истовремено, канцеларот Курц посочи дека за Република Австрија од стратешки интерес е регионот на Западен Балкан што поскоро да се интегрира во Европската Унија.

По билатералната средба премиерот Заев и канцеларот Курц одржаа заедничка прес-конференција. На неа Претседателот на Република Македонија, Зоран Заев посочи дека Австрија е еден од најголемите пријатели на Република Македонија и на економски план, бидејќи е еден од најголемите инвеститори. Како што истакна премиерот Заев во земјава, во моментов работат 45 австриски компании.

„Во исто време, континуирано расте и обемот на трговската размена помеѓу Република Македонија и Република Австрија, од 60% во 2018-та година, во споредба со 2017. Австриските компании се чуствуваат добредојдени во Република Македонија, имаат одлични услови за бизнис, ја чувствуваат позитивната атмосфера и охрабрени се да ја продолжат соработката со нас и уште повеќе да инвестираат“, истакна премиерот Заев.

На прес-конференцијата, премиерот Заев ги повтори и процесите коишто завршија во изминатиов период, односно усвојување на Уставните амандмани во Република Македонија, како и ратификацијата на договорот од Преспа во грчкиот Парламент.

Во таа насока, премиерот истакна дека договорот од Преспа придонесува за регионална стабилност и соработка. Но и дека истиот е пример како може да се надминуваат некои идни билатерални отворени прашања или проблеми.

„После цели 27 години од независноста на Република Македонија, таа повеќе нема да биде нарекувана Поранешна Југословенска Република, туку Република Северна Македонија. Ова е историска шанса да создадеме уште посветла иднина за нас и за нашите граѓани и да ги отстраниме сите пречки за членство во двата големи сојузи, НАТО и ЕУ.

Уште во текот на следниот месец очекуваме да седнеме на 30-тото столче во НАТО, најсилниот политички и воен сојуз во светот. А најдоцна до средината на следната година да станеме и полноправна членка“, истакна премиерот Заев на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Курц.

На заедничката прес-конференција австрискиот канцелар Курц истакна на средбата со премиерот Заев разговарале за можностите за зголемување на соработката во областа на економијата, енергетиката, здравството, но во и во други области од индустријата.

„Ова беше одлична можност да разговараме за конкретни проекти. Во брза иднина се надевам дека ќе можеме и да ги реализираме. Австрија ќе остане на страната на Република Македонија, но и на страната на целиот регион на Западен Балкан, бидејќи географски Европската Унија ќе биде целосна само со членството на Западен Балкан во неа“, истакна канцеларот на Република Австрија, Себастијан Курц.

Канцеларот Курц ја искористи денешната заедничка прес-конференција на премиерот Заев да му честита за решавање на речиси три деценискиот спор за името со Република Грција.

Тоа како што истакна канцеларот Курц, беше големо прашање со големи предзивици. Но тоа прашање, како што додаде канцеларот Курц мораше да се реши за европската перспектива на Република Македонија, но за перспективата на регионот на Западен Балкан.

Како знак на уважување на овој, како што рече канцеларот Курц, историски успех на премиерот Заев и на Република Македонија, тој денеска на премиерот Заев му врачи медал „Алојз Мок“ за посебни достигнувања за мир и единство во Европа.

Алојз Мок, како што потенцираше канцеларот Курц, имал одлучувачка улога за пристапот на Австрија во Европската Унија, но и одиграл голема улога и за другите земји од источна Европа.


Видете следно

Претседателот Пендаровски се обрати на отворањето на форумот на поранешни алумни на Маршал центарот

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска во Охрид се обрати на отворањето на …