Премиерот Заев на средбата со премиерот Борисов во Софија: Отвораме перспективи за засилена економска соработка


Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев предводи делегација на Владата на нашата земја, во чиј состав се министерот за култура, Асаф Адеми и други членови на Канцеларијата на Претседателот на Владата и на Mинистерството за култура, во еднодневна работна посета на Република Бугарија.

Премиерот Заев за време на посетата на Софија, оствари тет-а-тет средба со Претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, со кого разговараа за идната соработка меѓу двете земји, која после потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство бележи постојан раст во сите области. На средбата се разгледуваа можности за создавање услови за зголемување на трговската размена со взаемно намалување на царинските стапки.

Претседателот на Владата на РМ, Заев на средбата уште еднаш оддаде благодарност за континуираната поддршка од Република Бугарија за членство на нашата земја во НАТО и за ЕУ, како и за подготвеноста на Бугарија да го сподели искуството по сите прашања поврзани со подготовките во пристапниот период и за ефикасно користење на европските фондови во оваа фаза од преговорите.

Премиерите Заев и Борисов разговараа и за подготовките за втората меѓувладина седница која оваа година треба да се одржи во Бугарија, а заедничкиот бизнис форум, што се одржа во Скопје го оценија како дополнителен импулс за економската соработка како врвен приоритет на граѓаните и на бизнис заедниците на двете земји.

На средбата беше констатирано дека прекуграничната соработка се интензивира и дека ќе бидат вложени сите неопходни напори стабилната трговска размена од речиси 600 милиони евра да достигне вредност од 1 милијарда евра.

Континуитетот на изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8 остануваат капитален интерес за двете земји. Рехабилитацијата и градењето на железничката пруга е капитален проект од вкупна вредност од 670 милиони евра, а патната инфраструктура 93 милиони евра. 120 милиони евра се неповратни средства односно грантови од Западно-балканскиот инвестициски фонд, односно од ЕУ. Со исто толкаво внимание двете земји работат и на поврзување на гасната инфраструктура, и заедничко учество во регионални проекти и мрежи на гасна интерконекција.

На средбата стана збор и за имплементацијата на Договорот со Грција, откако тој беше ратификуван во Атина, по што следува членките на алијансата да го потпишат протоколот за членство на нашата земја во НАТО, со што во сила ќе стапи формалното користење на новото уставно име Република Северна Македонија.

Двајцата премиери присуствуваа и на свеченото потпишување на заедничката Програма за соработка во областа на културата меѓу двете земји до 2021 година, како потврда на добрата волја и интересот за интензивирање на комуникацијата, размена на искуства и афирмација на културните вредности на двете земји.

Во насока на спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство, премиерот Заев соопшти дека како резултат на работата на двете комисии за заедничко одбележување на историски настани и личности, наскоро во Република Македонија, во близината на Дојран, на местото каде што го загубил животот, ќе биде подигнат споменик на полковник Константин Каварналиев, бележит лик од историјата на Бугарија од периодот на Првата светска војна.

Програмата за соработка во областа на културата што ја потпишаа министрите за култура Асаф Адеми и Боил Банов, претставува правна рамка за воспоставување на директна соработка меѓу културните институции во двете земји, со цел размена на културни и уметнички вредности, што е во функција на приближување на народите и државите.

Програмата за културна соработка меѓу двете земји се одржа откако двајцата министри за култура положија венци свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Софија, по повод неговиот денот на неговото раѓање што беше убава пригода делегациите на двете земји да му оддадат признание на делото на човекот кој велеше дека „Светот го гледа како поле за културен натпревар меѓу народите“.

Работната посета на македонската делегација на Република Бугарија, завршува вечерва со културно-уметничка програма со учество на уметници од други држави од регионот во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.


Видете следно

ССК: Јакнење на економската дипломатија со квалитетни кадровски решенија

Владеење на правото и борба против корупцијата, зајакнување на економската дипломатија, демонстрирање проактивно лидерство, како …