Премиерот Заев се сретна со претседателот на Парламентот во Албанија, Ручи во Тирана: Дијалогот е важен за демократскиот развој и за европските перспективи


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев со владината делегација што го придружува, во рамки на официјалната посета на Република Албанија, се сретна и со претседателот на Парламентот на Република Албанија, Грамоз Ручи, по средбата со албанскиот премиер Еди Рама.

На средбата се истакнати политиките на премиерот Заев како политики на визија и посветеност и успех за Република Северна Македонија, но и на земјите од целиот регион.

Договорот од Преспа е посочен како историски договор што ги отвори историските перспективи на нашата држава во НАТО, поради што е изразена целосна поддршка на интеграциите на Северна Македонија.

Премиерот Заев се заблагодари за брзата постапка на ратификацијата на Протоколот за прием на Република Северна Македонија во НАТО во албанскиот Парламент и посочи дека бенефитите почнуваат да се чувствуваат за граѓаните.

– Ги пробивме сите рекорди за странски инвестиции, зголемен е БДП-то, намалена е невработеноста, се качуваат платите. Во тек е заокружување на клучните реформи. Очекуваме ЕУ да ги вреднува овие резултати на Република Северна Македонија во јуни, рече премиерот Заев.

Тој ја нагласи одговорноста и на власта и на опозицијата во важните евроинтеграциски процеси. На состанокот е посочено дека дијалогот е многу важен за демократскиот развој на државите и нивните европски перспективи. И од двете страни е посочено е дека се силно посветени на стратешката определба за успех во јуни.

Претседателот на Владата, Заев потенцираше и дека во Северна Македонија успешно функционира концептот едно општество за сите. Ја нагласи како одлична соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и посебно ги потенцираше граничните олеснувања, градењето доверба меѓу двете институции и инфраструктурното поврзување, како придонес кон мобилноста на луѓе и стоки.

На средбата е истакнато дека владите на Република Северна Македонија и на Република Албанија работат успешно на интензивирање на економската соработка.

Премиерот Зоран Заев е во официјална посета на Тирана со Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и заменик министерот за култура, Владимир Лазовски.


Видете следно

Градежна комора: Растот на трошоците го диктира растот на цената на квалитетните станови

Градежната комора на Македонија информира дека трендот на пораст на трошоците за градежни материјали, но …