Научно-стручна дебата за јавната и приватната безбедност


Научно-стручна дебата на тема „Јавната и приватната безбедност-преку координација и соработка до заедничка превензија на безбедносните ризици и закани” ќе се одржи денеска на Филозофскиот факултет во Скопје во коорганизација со Комората за приватно обезбедување.

Како што најави Филозофскиот факултет, дебатата ќе ја отвори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а свое обраќање ќе имаат и деканот на Факултетот Ратко Дуев и претседателката на Комората Верица Милеска Стефанова.


Свое излагање во дебатата ќе имаат и директорот на Бирото за јавна безбедност на МВР Сашо Тасевски, продеканот на Факултетот Оливер Бакрески, деканот на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии од Сараево Јасмин Ахиќ и генералниот секретар на Комората Сања Керметчиева.

– Координацијата е сериозен предизвик за безбедносниот сектор во една држава и клучното прашање што се поставува не е прашањето: „Дали е потребна координација и соработка?”, што секако дека е важно прашање, туку прашањето: „Како се остварува потребната координација?” Анализирањето на прашањето за координацијата особено е комплексна и е тешка работа, бидејќи се одликува со голема сложеност и специфичност за што ќе се говори на утрешната дебата на Филозофскиот факултет, се вели во соопштението.


Дебатата, како што додаваат од Факултетот, ќе претставува и промоција на книгата „Јавната и приватната безбедност – координација и соработка” која е резултат на истражувачката студија што содржи резултати од истражувачкиот проект што го поддржа Комората за приватно обезбедување, а го реализираше тим од Филозофскиот факултет-Скопје во состав Оливер Бакрески, Марјан Ѓуровски и Лета Барџиева Миовска, кои се автори на книгата.

– Потребата од соработка и од координација на безбедносниот сектор е повеќе од важна и особено е изразена при справување со безбедносни ситуации, вклучувајќи ги и аспектите поврзани со здравствената криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19 од аспект на правилно, одговорно и легитимно работење, како и работа според специфични здраствени протоколи, додаваат од Факултетот. мс/мд/



Видете следно

Македонски научници – дел од тимот што освои прва награда на престижната меѓународна конференција Ubicomp во Англија

За време на водечката меѓународна конференција за паметни технологии и уреди – Ubicomp и ISWC …