Претставени резултатите од мониторингот на јавните набавки на локално ниво во Скопскиот плански регион


Денес, беа претставени резултатите од мониторингот на јавните набавки на локалните самоуправи во Скопскиот регион за 2018 година, спроведени во Проектот „Зајакнување на транспарентноста и отчетноста на општините при трошењето на јавните средства”, на Здружението на економски новинари, а во рамките на проектот „Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки” кој го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации и Фондацијата Фокус со финансиска поддршка од Европската Унија.

Во присуство на претставници на локалната самоуправа од Скопскиот плански регион, државните институции надлежни за системот на јавните набавки, граѓански организации, медиуми, на Завршниот настан се обрати Марија Георгиевска, претседател на Здружението на економски новинари –ЗЕН Скопје, осврнувајќи се на важноста на истражувањето за зајакнување на улогата на граѓанското општество во мониторинг на спроведувањето на јавните набавки на локално ниво. Со тоа, се влијае на јавната свест,во насока на намалување на корупцијата на локално ниво и зголемување на транспарентноста на локалните самоуправи.

Во рамките на настанот, г-ѓа Бети Деловска, претставник на Здружението на економски новинари, ги презентираше резултатите од истражувањето, а посочи и препораките за надминување на предизвиците, кои се исправени на патот кон целосна транспарентност, отчетност и интегритет при трошењето на јавните пари, кои произлегоа од истражувањето.

Во 2018 година, локалните самоуправи во Скопскиот плански регион склучиле 1082 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 2,36 милијарди денари односно 38,4 мили­они евра, што е зголемено во споредба со минатата година за 273 договори односно зголеување за 3,41 милиони евра.

Вредноста на договорите за јавни набавки склучени во Република Македонија оваа година, изнесува 756 милиони евра, што е удел од само 25% во буџетот на земјата.Загрижувачки е фактот што и во 2018 година поголем број на локални самоуправи во Скопскиот плански регион немаат воспоставен систем за следење на реализацијата на склучените договори.

Во Скопскиот плански регион кој опфаќа вкупно 18 локални самоуправи, поништени се вкупно 254 постапки делумно или целосно. Ова се дури 23,6% од набавките, или речиси секоја четврта постапка. Овој удел на поништување на постапките во 2018 година е највисок процент на поништување во периодот 2013-2017 година.

Во 2018 година се склучени 27 договори за јавна набавка без објавување оглас, во вкупна вредност од 778 илјади евра. Уделот на овие нетранспарентни постапки во вкупната вредност на јавни набавки во Скопскиот плански регион е намалена од 4,6% во 2017 година на 2% во 2018 година.

Гледано по локални самоуправи, од вредносен аспект, најмногу јавни пари преку оваа нетранспарентна постапка во Скопскиот плански регион имаат потрошено Општина Центар (173 илјади евра, или 22% од вкупната вредност на овие договори во Скопскиот регион), и Град Скопје (556 илјади евра или 71% од вкупната вредност на овие договори во Скопскиот регион).

Според ставовите на Здружението на економски новинари, активностите и истражувањата на јавните набавки, имаат големо значење, во насока на градење консензус помеѓу државните и недржавните чинители, околу потребата за унапредување на јавните набавки и зајакнување на јавната свест и граѓански надзор над трошењето на јавните финансии.

Настанот се организираше со помош на грант доделен преку проектот „Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации и Фондацијата Фокус со финансиска поддршка од Европската Унија.


Видете следно

Арсовска: Потребна институционална поддршка за позиционирање на македонските брендови

Македонските брендови тешко се позиционираат, мала e застапеностa на нашите производи на глобалните пазари, a …