Breaking News

Приходите во основниот буџет на Општина Зрновци за минатата година остварени со висока стапка од 96 отсто


Локалната самоуправа на Зрновци минатата година остварила висока стапка на реализација на вкупните приходи, при што собрани се близу 92 отсто од средствата неопходни за нормално тековно работење и за комплетирање на почнатите проекти.


Иако е една од најмалите во државата, Општината успеа од планираните околу 49,5 милиони денари, на приходната страна на буџетот да прокнижи над 45,5 милиони денари, што ѝ овозможи скоро целосно исполнување на преземените обврски.


-Посебно за одбележување е што приходите во основниот буџет за минатата година се остварени со стапка од близу 96 отсто, односно од планираните 19,7 милиони прибрани се над 18,9 милиони денари. Таквата реализација, меѓу другото, е резултат и на одличната наплата на даночните приходи кои изнесуваат над 103,5 отсто, како и неданочните приходи кои се наплатени со 99,6 отсто. Високо ниво на реализација има и на расходната страна на основниот буџет, каде освен за тековно-оперативните трошоци во работењето, за капитални инвестиции беа наменети 7,2 милиони денари или над 95 проценти. Очекуваме ваквиот тренд да продолжи во оваа година, со што ќе ги реализираме планираните проекти во инфраструктурата и комуналното уредување на населените места, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Вкупниот износ на неподмирени обврски по различни основи и доверители, на крајот на минатата година изнесувал околу 3,1 милион денари, а најголем дел од нив се затекнати од претходните години. Сепак, во текот на овој месец веќе се платени дел од долговите и сумата е намалена.


На денешната седница на Советот на Општината, извештајот за финансиското работење за минатата година доби едногласна поддршка. Исто така, советниците дадоа согласност и за кофинансирање со буџетски средства на инфраструктурни проекти за кои е добиена финансиска поддршка од државните институции, а што треба да се реализираат во првиот квартал од оваа година. та/ир