Продолжен терминот за изложбата на МИЦКО Мице Јанкуловски во НГМ Мала станица


Од 18 – 28 август 2020 во мултумедијалниот центар на Националната галерија на С. Македонија „Мала станица“ ќе биде поставена самостојна изложба на уметникот МИЦКО Мице Јанкуловски по повод 50-години од неговото творештво.

МИЦКО Мице Јанкуловски уште од најрана возраст започнува со сликарство и паралелно е многу активен на полето на цртежот, изложбената карикатура и сатиричното сликарство на стакло. Работата на анимирани филмови и пишувањето на палиндоми се истражувања преку кои ја задоволувал својата љубопитност и желба да се изрази и во други медиуми, но истовремено тие искуства го градат како уметник, така што денес професионалците во уметноста го препознаваат како мултимедијален уметник.

После 50-години творештво во различни медиуми, МИЦКО Мице Јанкуловски денес слика само со црна боја. На самите почетоци, слика различни форми во различни бои истражувајќи го визуелниот ефект и движење како резултат од нивната меѓусебна интеракција како форми и како бои, за да после 50 години открие дека црната ги содржи сите бои, дека природно се движи светлината, па почнува да слика големи платна со форми и растери само со црна боја, кои, вклучувајќи ја светлината како интегрален дел на сликата – создаваат бескрајни сензации…

Кога почнува да слика само со црна боја, покрај од боите, тој се ослободува и од четките, но што е уметноста ако не  „… елиминација на непотребното“? (Пикасо)

Световите кои МИЦКО Мице Јанкуловски ги открива со црната боја веднаш ги виде професионалната јавност и ги препозна како исклучително значаен придонес во еден ексклузивен сегмент на уметници во историјата на уметноста кои сликале со црна боја. Како резултат на тоа следат награди на значајни манифестации ширум светот: Ел Греко награда за најдобар уметник (Арт Тесалоники 2019, Грција), Лоренцо ил Мањифико награда за животно остварување (Фиренца Биенале 2019, Италија), Награда Уметник на светот (Ларнака Биенале 2018, Кипар), Гран при (Меѓународно графичко биенале Варна 2017, Бугарија) … како и бројни покани за соработка од релевантни институции, музеи и галерии. (куса биографија во прилог)

Различни историчари на уметност и куратори, препознаваат различни димензии во неговото сликарство:

Енцо ди Мартино, историчар на уметност, Венеција, Италија
„Во делата на Јанкуловски, црната како ‘не-боја’ е протагонист на финалната слика која резултира во еден вид на ‘пофалба на црното‘“

Проф. Манос Стефанидис, уметнички критичар, куратор и публицист, Атина, Грција
„Сликарските композиции на Јанкуловски ни овозможуваат пристап во светот на евокативни, длабоко софистицираните слики на целиот космос на неговата внатрешна визија. Тие, иако апстрактни, имаат скоро историско влијание. Драмата на историјата се носи со новото“.

Д-р Мелани Зеферино, историчар на уметност и куратор, Фиренца, Италија
„Необичниот аспект на композициите на црни слики на Јанкуловски открива многу за начинот на кој уметникот го гледа и претставува светот преку дводимензионални форми кои се чинат како облеани со космичка енергија, а со тоа и како идеални или имагинарни ‘живи суштества’ чија очигледна неподвижност сугерира статус на незабележливо, но континуирано движење или промена“.

Д-р Жолт Петрани, раководител на одделот за современа уметност при Националната галерија на Унгарија, Будимпешта
„Сликите на Јанкуловски можат да се гледаат како скулпторски површини, каде филозофско-трансцендентално-геометриската форма и начинот на кој таа се артикулира дава важен аспект на жанрот. Светлината ги опишува површината и формите, точката на гледање ги дефинира позитивните светли и негативните темни структури на уметничките дела. Монохроматската, црна површина игра улога на мултидимензионален предмет: оној што треба да се истражува“.

Александр Боровски, раководител на одделот за нови трендови и Лудвиг музејот при Рускиот државен музеј во Санкт Петерсбург
„Јанкуловски одржува еден сосема поинаков пристап: тактилност, одлучност и матрица на свесност“.

Текстовите на погоре споменатите и други професионалци во уметноста, писатели и колеги се објавени во публикацијата „МИЦКО Мице Јанкуловски – сликарство | Форма III“, која неодамна излезе од печат во екслузивно издание.


Видете следно

Рамсторе заедно со своите потрошувачи и вработените донираа по повод Светскиот ден за борба против гладта

По повод 16 октомври, светскиот ден за борба против гладта, а во насока на визијата …