Breaking News

Продолжува втората фаза од консултациите за креирање на новата Национална стратегија за млади 2023-2027


Агенцијата за млади и спорт со поддршка на партнерите Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Програмата за развој на ОН (УНДП) продолжува со консултации и јавни дискусии за Националната стратегија за млади 2023-2027 кои ќе се спроведуваат на локално ниво во неколку општини.


Консултации и јавни дискусии за Националната стратегија за млади денеска ќе бидат одржани во Штип и во Битола, на 7 март во Велес и Куманово, на 9 март во Струга, следниот ден во Гостивар и во Струмица, а на 13 март во Делчево.


На овие консултативни настани поканети се сите заинтересирани млади, претставници на формите на младинско организирање, средношколци, студенти и други групи на млади кои сакаат да дадат придонес и да учествуваат во креирањето на новата Национална стратегија за млади, чија цел е подобрување на социоекономската положба на младите и создавање средина која ќе им овозможи на младите да ги остварат своите права, потреби и интереси.

Првата нацрт-верзија на текстот на стратегијата веќе е објавена на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи на Република Северна Македонија) и може да се пристапи преку линкот: shorturl.at/eMRSV или преку Агенција за млади и спорт: shorturl.at/ehBNR, со што се отворени и дополнителни можности за коментари, прашања и сугестии во насока на креирање стратешки документ по мерка на младите.


На консултациите, како што информира Агенцијата за млади и спорт, ќе присуствуваат експерти кои работат на подготовка на стратегијата, претставници на институции и меѓународни организации, како и претставници од формите на младинско организирање.

Процесот на креирање на новата Национална стратегија за млади 2023-2027 е поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Програмата за развој на Обединети нации (УНДП) во рамките на регионалниот проект „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од United Nations Peacebuilding имплементиран од УНДП, УНФПА, УНЕСКО и UN Women. са/хс/