Производството на електрична енергија од јаглен да се замени со производство на електрична енергија од обновливи извори


Производството на електрична енергија од јаглен да се замени со производство на електрична енергија од обновливи извори – ова е суштината на енергетската транзиција која треба да се случи во нашата земја посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на конференција „Визија за енергетска транзиција 2040“.

„ Неопходно е чекор по чекор да се оди со енергетската транзиција. Ние сите целиме кон реализација на зелено сценарио, односно производство на електрична енергија од сонце, вода и ветер, но мора тоа да биде постепено . Во моментов струјата од обновливи извори чини 105 евра за 1 Mw/h , додека цената на ЕСМ кон Универзалниот снабдувач е 38,8 евра за 1 Mw/h. Притоа од обновливите извори во нашата земја не може да се произведе базната енергија која е клучна за стабилноста на електроенергетскиот систем. Обновливите извори се добри и пожелни , но не може енергетскиот систем да се води исклучиво на таквите извори“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Во однос на либерализацијата на пазарот на електрична енергија цената што ја нуди Универзалниот снабдувач останува најповолна за домаќинствата затоа што е за 25 % пониска од онаа што се нуди на слободниот пазар.

„Придобивките од либерализираниот пазар на електрична енергија доведоа до 30 % пониски сметки за малите производствени капацитети, и малите и микро претпријатија.. Домаќинствата сеуште имаат најповолна цена обезбедена од универзалниот снабдувач, за разлика од цената што се нуди на слободниот пазар која е 25% повисока од регулираната цена. Минатата година дури 15 % од потрошувачите го промениле својот снабдувач што укажува на зголемена конкурентност на пазарот на електрична енергија во кој има 9 активни снабдувачи во однос на телекомуникацискиот пазар каде има три оператори. Анализите покажуваат дека Северна Македонија во однос на бројот на промената на снабдувачите е на исто ниво со Австрија, Финска и Данска. Промените на снабдувачите се прават заради постојаната конкуренција помеѓу нивните понуди, врз основа на кои потрошувачите прават пресметки и одбираат свој снабдувач кој има најниска цена на електричната енергија.“ посочи Бислимоски.

Инаку конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“ е во рамките на проектот „Развој на програма за имплементација на Националната стратегија за развој на енергетиката“, финансиран од Британската амбасада Скопје преку Фондот за добро управување.


Видете следно

Не е на нас политичарите да пресудуваме или да кажуваме за кој било случај и судска одлука дали е некој виновен или невин, вели Маричиќ

Говорот на омраза е кривично дело и ние секогаш како Влада сме застапувале спуштање на …