Breaking News

Промоција на досегашните резултати од проектот „Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во Тиквешкиот регион“


Под мотото „Отпадот е само отпад доколку не е обработен” – со циркуларна економиіа до храна, енергија и други производи, денеска ќе бидат промовирани досегашните резултати од проектот „Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во Тиквешкиот регион“.


На настанот по овој повод ќе присуствува министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.


Проектот „Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во Тиквешкиот регион“ се спроведува од март 2022 до декември 2024 година како дел од Програмата за соработка со бизнис секторот develoPPP.de, а се реализира со финансиска поддршка на германското Сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ) во партнерство со винаријата „Бовин“ и Центарот за истражување и креирање политики. Главната цел е идентификација на предусловите (институционални, правни и рамковни) за исплатлив третман и повторно искористување на органскиот отпад создаден на лозјата во Тиквешкиот регион, како и значително зголемување на количината на собраниот органски отпад како ресурс, со чија обработка ќе се овозможат економични ефекти. Но, цел на проектот е и да се предложат соодветни технологии за третман на отпадот, кои ќе бидат пилотирани во рамки на проектните активности, како и изработка на бизнис модел кој ќе се сподели со сите заинтересирани јавни и приватни страни.

-Циркуларната економија, како дел од „зелената агенда“ за Западен Балкан е централен столб на проектот и се очекува дека со имплементацијата на проектните активности ќе се воспостават темели за воведување на овој концепт во Северна Македонија, велат од Центарот за истражување и креирање политики.


Промотивниот настан што ќе се одржи во винаријата „Бовин“ е наменет за формално претставување на процесот на собирање отпад од виновите лози, со користење роло машина, со која се оптимизира процесот на собирање и балирање на искастрените гранки кои понатаму ќе се користат како ресурс за добивање нови производи. Според Центар за истражување и креирање политики, претставениот модел е атрактивен и може да биде основа за воспоставување соработка меѓу приватните компании и општините со општинските Јавни комунални претпријатија. мч/мд/

фото: МИА архива


Скопје, 24 март 2023 (МИА)