Breaking News

Промоција на два броја „Филозофска трибини“


Во Свечената сала на Филозофскиот факултет, денеска напладне ќе бидат промовирани два броја од единственото специјализирано филозофско списание на македонски јазик „Филозофска трибина“ (29 & 30). Издавач на списанието е Филозофското друштво на Македонија, а настанот го организираат Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет и Друштвото. Изданијата ќе ги промовира д-р Ѓорѓе Младеновски, професор во пензија од Филозофскиот факултет во Скопје.


Во „Филозофска трибина 29“ има 11 авторски текстови на тема ПРОМИСЛУВАЊЕ НА ПАНДЕМИИТЕ, односно дел од излагањата од истоимениот симпозиум одржан во рамките на 18. одбележување на Светскиот ден на филозофијата (18 ноември 2021). Во него читателите можат да се запознаат со видувањата на авторите: Иван Џепароски, Радомир Виденовиќ, Филип Трајковски, Мартин Поповски, Самуел Садикарио–Колономос & Иван Бабановски, Росано Чолаков, Даниела Николова, Јасмина Поповска, Бошко Караџов, Владимир Ѓуровиќ и Игор Поптрајков. На самиот почеток на бројот е поместен пригоден комеморативен текст за акад. Георги Старделов (1930–2021) од страна на проф. Џепароски, додека кон крајот и обемната библиографија на Старделов.


Во 30. број на „Филозофска трибина“ можат да се најдат осум авторски текстови на различни релевантни философски теми од: Денко Скаловски, Ристо Солунчев, Јасмина Поповска, Куштрим Ахмети, Лазар Фотев, Александар Симоновски, Ведран Диздаревиќ и Тони Димитров; потоа превод на еден дел од Воведот на „Естетиката“ од Николај Хартман, од страна на д-р Трајче Серафимовски; 3 студентски текстови од: Љубица Покупец, Андреј Лазаревски и Никола Ристевски; еден средношколски текст од Христијан Милановски, приказ на книга, како и неколку прилози од тукашниот филозофски живот. За жал и овој број започнува со пригоден комеморативен текст, овојпат за колегата проф. д-р Владимир Давчев (1962–2021) од страна на проф. Сузана Симоновска. Во рубриката Библиографии е предаден еден дел од објавеното филозофско и научно творештво на професорот Давчев.

Изданијата се поддржани на Министерството за култура во 2021 год., а примероци од сите изданија на списанието можат да се најдат во Книжарница Или Или, Култура – Во светот на книгите и Буква по цена од 150 ден. по примерок.са/