Breaking News

Промоција на Програмската рамка за соработка меѓу Сида и УНДП со Северна Македонија


Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска ќе ја промовираат Програмската рамка за соработка.


Станува збор за програма во чии рамки, во наредните три години, ќе се реализираат проектите „Справување со загадувањето на воздухот“ и „Градење на општинските капацитети за спроведување на проекти“.


На промоцијата, за целите и активностите на проектите ќе говорат Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа, Ами Ларсон Џаин, амбасадорка на Шведска, Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП, Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој и Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС.

Програмската рамка за соработка помеѓу Сида и УНДП Северна Македонија е дизајнирана да придонесе кон националните приоритети за развој коишто се дефинирани во клучните стратешки документи на земјата, вклучувајќи ги Националната стратегија за одржлив развој, Програмата за работа на Владата 2020 – 2024, Програмата за економски реформи и Националниот план за усвојување на правото на ЕУ.


Програмата е поставена во рамки на „Стратегијата на Шведска за реформска соработка со Западен Балкан и Турција 2021 – 2027“ и Програмскиот документ на УНДП за Република Северна Македонија (2021-2025). са/вг/

Скопје, 29 март 2023 (МИА)