Промовирана InnoTech Club, платформа за зголемување на свесноста за наука, технологија и иновации


Во услови кога се соочуваме со одлив на млади и кадар од земјава, а уделот на индустријата во БДП се намалува, го поставуваме прашањето како да создадеме економија базирана на знаење и на технолошки развој?
Зголемување на свесноста за значењето на науката, технологијата  и иновациите е целта која сака да ја постигне платформата InnoTech Club, која денеска во присуство на голем број ученици, студенти, професори, менаџери, експерти и научници беше промовирана во Скопје. Поддржана од Владата на САД, преку Alumni Innovation Engagement, основната мисија на InnoTech Club е презентирање пред младите на важноста на науката, технологијата и иновациите како клучни фактори за идниот економски раст и развој на земјата.

InnoTech Club платформата ја промовираше проф. д-р Игор Јорданов од Технолошко-Металуршкиот факултет, лидер на проектот. Тој посочи дека за нашата земја е неопходна реиндустријализација која ќе обезбеди висок економски раст, добро тренирани инженери и нови бизниси, што ќе ни овозможат да останеме во тек со светските трендови.

„Целта на InnoTech Club е да ги инспирира младите, заради што во текот на следните месеци ќе организираме Inno Cafe настани, во Скопје, Тетово, Битола и Штип и други градови. На овие настани младите ќе се мотивираат и поврзуваат преку дружење и презентации на иновативни, научни и технолошки успешни проекти кои ги прават поединци или компании и институции во нашата земја“, посочи Јорданов.

Македонската фабрика „Микросам“ од Прилеп е лидер во светот во развој на многу технологии. Нивната успешна приказна со фокус на композитните материјали, кои се незаменливи во најразвиените одбранбени, авио, вселенски и други индустриии, трае повеќе од четири децении. Генералниот менаџер на „Микросам“, Веле Самак, ги увери младите дека знаењето да се креираат композитни продукти е врв во светската индустрија, а тоа знаење го имаат инженерите кај нас, во Северна Македонија.

„Инженерската кариера има долгорочен потенцијал секаде во светот и кај нас. Тајната е во постојаното учење и надоградување на знаењата, без да се плашиме да експериментираме или да згрешиме“, порача Самак.

Емилија Стојменова- Дух е професор на Факултетот за електроинженерство на Универзитетот во Љубљана, лидер на Digital Innovation Hub – 4P DIH и основач и директор на мрежата FabLab Slovenia. Таа ја сподели успешната приказна за „паметните села“, која се имплементира под чадорот на Европската комисија и Европскиот парламент. Целта на „паметните села“ е задржување на луѓето во своите локални заедници, каде со дигитализација и воведување на сите придобивки од технологиите се креираат можности за напредок и развој.

Дека Северна Македонија има квалитетни кадри и млади надежи, потврда се студентите од тимот Getbike, кои го создаоа првиот македонски електричен велосипед со филтри за прочистување на воздух. Филип Попоски, студент на Машинскиот факултет и дел од тимот, посочи дека студентите кај нас сакаат предизвици и можност да изнаоѓаат решенија преку примена на технологијата.

Како младите да се заинтересираат за наука, технологија и иновации? Како знаењето и иновациите да ги направиме IN? Како да ги задржиме експертите со силни технички вештини да градат кариери во Северна Македонија? Во оваа насока, во изминатиот период InnoTech Club работеше на вмрежување на средношколци, студенти и универзитети со истражувачи и експерти, компании и истражувачки центри. Во голем број средни училишта, во Американските катчиња и Кариерните центри на државните и приватните универзитети беа одржани предавања на кои се потенцираше потребата од наука, технологија и иновации како единствениот пат до одржлив економски развој и високи стапки на економски раст.

This project was funded in part through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите) и не ги одразува оние на Владата на САД

Ky projekt është pjesërisht i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesit/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.



Видете следно

ФИТР препознаен како успешен модел – поднесена иницијатива да се преслика на регионално ниво

Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ е препознаен како успешен пример во студијата …