Промовирани новите 12 возила за Итната медицинска помош


Министерството за здравство, вчера ги пушти во употреба новите 12 возила на Итната Медицинска помош, наменети за Скопје и за неколку градови во државата.

Министерот за здравство, Венко Филипче истакна дека возилата се опремени со најсовремена медицинска опрема и со овие возила им се овозможува на пациентите да ја добијат неопходната здравствена услуга многу побрзо и поквалитетно.

„Во отворена и транспарентна постапка со огромна заштеда набавивме 12 возила за Итна медицинска помош. Шест од вкупно 12 возила се наменети за градот Скопје, додека пак останатите шест возила се наменети за Здравствен Дом Крушево, Здравствен Дом Кичево, Здравствен Дом Крива Паланка, Здравствен Дом Берово, Општа болница Струга и Општа болница Дебар. На нашите здравствени работници им ги подобруваме условите за работа, а за пациентите ја подобруваме здравствената услуга и заштита“, потенцираше министерот Филипче.

Во месец ноември, Министерството за здравство спроведе електронска аукција и обезбеди 12 возила за Итната Медицинска помош. При набавката на амбулантните возила постигната е најниска цена на чинење, со што Министерството заштеди 12 милиони и 240 илјади денари или околу 200 илјади евра.

„Возилата ќе бидат позиционирани во пунктовите на Итната медицинска помош во поликлиниките Букурешт, Јане Сандански и Чаир и распределувани, според итноста на потребите на граѓаните на целата територија на Град Скопје. Изразуваме благодарност до Министерството за здравство на реализацијата на најавената набавка на возилата и очекуваме да продолжи техничкото опремување и кадровско екипирање на Итната медицинска“, изјави директорот на Здравствен Дом – Скопје Злате Мехмедовиќ.

Министерот Филипче информираше дека во периодот што следи ќе се распише конкурс за прием на медицински сестри, а веќе во следниве недели ќе се распишат и огласите за прием на младите лекари кои се лиценцирани и кои во овој момент се невработени, согласно новата измена на Законот за здравствена заштита. Секој лекар кој има лиценца ќе добие загарантирано платено работно место во период од 6 месеци. На тој начин значајно ќе се надополни и бројот на доктори којшто работи во оваа служба.

„Службата за Итна медицинска помош има големо искуство и одлично се покажа за време на сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци, каде што во рекордно време се појавија на терен и дадоа соодветна тријажа, третман на пациентите на самото место и транспорт до соодветните институции“, рече министерот Филипче.


Видете следно

Димковски во Република Словенија: Воведувањето на нови технологии и ефикасни советодавни услуги за земјоделците е клучно за модерно и конкурентно земјоделство 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, од денеска во следните два дена е …