Breaking News

Протест на сточарите од кумановските села Љубодраг, Ново Село, Умин Дол, не дозволуваат уништување на свињите


Сточарите од кумановските села Љубодраг, Умин Дол, Ново Село и Тромеѓа, денеска по неколкумесечна пауза денеска повторно го блокираа регионалниот пат, (стар пат) Куманово-Скопје и уште еднаш кажаа дека нема да дозволат уништување на свињите. Тие кажаа дека и по шест месеци од првиот потврден случај на африканска чума, ниту една свиња не се разболела, ниту умрела и дека сега немаат намера да ги уништуваат.


Претседателот на месната заедница, Љубодраг, Бобан Лазиќ, изјави дека имале најави оти претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе дојдат за да уништуваат животни.


– Три дена сме во контакт, никој не ни се јавува, од ветеринарната станица велат дека тие не се надлежни не можат да дадат никакво решение, тие само биле изведувачи, зедоа крв. Во Скопје е правена анализата. Тие беа должни за 40 дена да дадат решение, дека тие свињи се позитивни или негативни. Агенција за храна и ветеринарство нема никаква соработка со другите институции, за овие шест месеци немаме ниту лекувани ниту умрени свињи, африканска чума не постои, вели Лазиќ

Одгледувачите на свињи, велат дека некој намерно сака да го уништи ситните производители на сметка на големи корпорации и побараа средба со претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство. На политичарите им порачаа да не доаѓаат во нивните села. Звонко Цветковски, жител на село Љубодраг вели дека и денес не е сигурен дали имало африканска чума и дека животните од неговата фарма биле уништени.


– По пет месеци добив средства, штетен сум 40 проценти. Јас бев меѓу тие првите оштетени. Сега повторно што се случува дека пак се враќа а се е неутврдено. Житото ми е во амбари, глувци го уништуваат, поминува времето, а не смеам да чувам свињи, фармата е мала, вели Цветковски.

Владан Станојковски, заменик-претседател на месна заедница село Тромеѓа, рече дека дава поддршка на жителите од овој дел од кумановско и потсети дека неговото село протестираше на регионалниот пат Куманово-Свети Николе.


– Ние ќе имаме состанок и најверојатно ќе се организираме и нема да дозволиме да ни го уништат тоа што го имаме. Да апелирам до сите власти да не се играат со нас, народот е револтиран. Нема ништо по три месеци, кај ниту едно животно нема забелешка, ова е сè вештачки направено. Во тромеѓа не дозволивме да се уништуваат и сега сме во поддршка, изјави Станојковски.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека од последниот потврден случај на болеста африканска чума кај свињите во кумановско кај питомата популација свињи, во земјава засега нема појава на ново жариште. Состојбата кај питомите свињи е мирна, но, будно се следи на терен од страна на официјалните ветеринари, ветеринарните друштва и самите одгледувачи.


– Тие имаат обврска да ја следат и да информираат за секоја промена на состојбата на фармата, како во поглед на појава на сомнеж за болест, така и во поглед на евентуално умирање на животни, велат од АХВ.

Оттаму информираат дека од појавата на првиот позитивен случај на африканска свинска чума во делчевското село Драмче во јануари минатата година, досега, според евиденцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство умрени се 114 свињи, евтаназирани се 4.407 животни од 413 фарми. Испратени на колење за економско искористување се вкупно 1.161 свиња.

Според податоците на Агенцијата, во 2022 при спроведен активен надзор (од свињи кои биле испратени на колење) спроведениот пасивен надзор (од умрени животни) на популацијата домашни свињи земени се мостри од вкупно 1.703 свињи, од кои при активен надзор 348 (334 со негативен резултат и 14 со позитивен резултат), додека при пасивен надзор 1.355 мостри (од кои 1290 негативен резултат и 65 со позитивен резултат). Во 2023 година, при спроведен пасивен надзор, земени се вкупно 127 мостри, додека при активен надзор од кланица земени се вкупно 456 мостри. Сите 583 мостри од мостри земени од домашната популација сè со негативен резултат на болеста африканска чума кај свињите.

– Што се однесува до дивата популација свињи, од почетокот на појавата на болеста на ловишта во државата, вкупно се застрелани 5.680 свињи од кои се земени и тестирани мостри од вкупно 5.297 животни. При тестирањето добиен е позитивен резултат за 87 единки (36 за 2022 година и 51 за 2023 година), што е потврда дека вирусот сè уште циркулира меѓу дивата популација свињи. На 02.02.2022 со решение АХВ наложи мерки на засилен отстрел на свињи источно од автопатот Е 75, реон во кој спаѓа и кумановскиот регион. Во ловиштата каде болеста е потврдена, наложени се мерки на пребарување на теренот со цел пронаоѓање на умрените диви свињи и нештетно отстранување, како санитарен отстрел на дивите свињи кои покажуваат клинички знаци на болест, велат од АХВ.

Оттаму додаваат дека во сите општини каде беше потврдено присуство на болеста, укинати се мерките по донесените решенија за преземање заштитни и контролни мерки во однос на болеста африканска свинска чума, освен во кумановскиот регион каде мерките се сè уште на сила. Репопулација (ново населување со свињи) е дозволено да се врши во сите региони, освен во кумановскиот каде сè уште не се спроведени сите наложени заштитни и контролни мерки со последното донесено решение за справување со болеста. Во фармите во сите останати региони, репопулација ќе биде дозволена само во одгледувалиштата кои ќе имаат имплементирано високи биосигурносни мерки и кои по извршената контрола и одобрување од страна на официјален ветеринар, ќе бидат категоризирани во одгледувалишта/фарми со низок или со среден ризик. ам/ир

Фото: МИА

Куманово, 17 март 2023 (МИА)