ПРВ ПАЗАР ЗА ОРГАНСКИ ПРОИЗВОДИ ВО ЈАВНА СОБА. ТРИ САБОТИ ПО РЕД: НЕПРСКАНИ ПЛОДОВИ, ДЕГУСТАЦИИ И МУЗИКА


Со почеток во 10:00 часот во сабота, 19.јуни на зелената тераса во Јавна соба ќе биде отворен пазарот на органски производи. Бидејќи станува збор за класичен пазар, само овој пат на органски производи од домашно производство, секој посетител ќе може да купи основни намирници за дома како што е ред во сабота.

ПАЗАР.орг (.орг е за органски), кој ќе се одржува три саботи по ред, е едно сосема ново урбано шопинг доживување како во амбиент, така и во потрошувачките навики. Замислете пазар на кој имате можност да купите свежи органски домати, пиперки, краставици, рукола, врвен органски јаболков оцет, маџун и кашкавал, дегустирате превкусна храна и органско вино од мали семејни винарии за кои никогаш не сте ни чуле, а сето тоа да биде зачинето со добра музика, пријатна атмосфера и мини игротека за деца.


Јавна соба во соработка со Добра земја – задруга, која ги претставува органските производители во Македонија и Бакалница.мк, компанија која застапува производители на месни, млечни производи, реши сите овие вкусови од Македонија да ги доближи до пошироката јавноста со цел да се разбие стигмата дека органското е скапо, неубаво на изглед и тешко достапно, кај нас. Напротив, производителите на свежи и преработени органски производи во изминатите години прогресираа рапидно благодарение на повисоката свест кај сѐ поголемиот број свесни луѓе кои разбраа дека конвенционалната храна содржи во себе огромен број на пестициди, кои знаеме што тие му прават на нашиот организам – го насочуваат кон фармацијата.

Факт е дека многу деца во Скопје сеуште немаат пробано вистинско непрскано јаболко или домат, кои на изглед ја немаат формата и сјајот како оние кои се десетина пати поминати со најразлични препарати, но по вкус и по хранливост, органските домати и јаболка се незаменливи.

Меѓу другото, потребата од поголема афирмација и застапеност на пазарот на малите македонски производители е мотивација за нас како организатори да помогнеме секој еден органски продукт полесно го најде местото до трпезите во цела Македонија и пошироко.

„Добра земја“ е прва задруга на потрошувачи на органска храна која се залага за здрава животна средина, зачувување на биодиверзитетот, едукација и продажба на органска храна. Во нашата работа е инкорпориран уникатен социјално одговорен модел на членство, кој директно го подржува развојот на локалното органско производство и одржливиот начин на одгледување на храна кој не ги загадува почвите, водата и воздухот. Нашиот концепт „Храна со лице“ значи дека остваруваме директен контакт со секој производител и на тој начин го намалуваме ланецот на чинители во процесот на дистрибуција на храната.

Покрај постоечката продавница во Скопје, задоволство е да го најавиме и отворањето на интернет продавница, shop.dobrazemja.mk. Станува збор за прва е-продавница за локални исклучиво органски производи од врвен квалитет, секогаш свежи и сезонски, доставени до вашиот дом. На shop.dobrazemja.mk ќе најдете свежо и сезонско зеленчук и овошје и преработени органски производи од домашни производители.

Креирањето на е-продавницата е помогнато од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, додека со поддршка на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост, „Добра Земја“ го зголеми капацитетот за складирање и обезбеди подобар пласман и зголемена промоција на органските производи во Македонија.


Видете следно

Топлотниот бран ризик и за земјоделството, агрометеоролозите препорачуваат наводнување

Високите температури кои деновиве надминуваат 40 степени, предизвикаа поизразено губење на почвената влага. Агрометеоролозите препорачуваат …