Првата фаза од пописот засега без проблеми, секој може слободно да се изјасни за етничката припадност


Првата фаза од пописот засега се одвива без проблеми. Заклучно со вчерашниот ден преку апликацијата за самопопишување се евидентирани вкупно 18 236 граѓани. Надлежните потврдуваат дека податоците се безбедни, а секој слободно може да се изјасни за својата етничка припадност.

Самопопишувањето почнa во понеделникот, и тоа со вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Пописот официјално ќе почне на 1 април, а ќе заврши на 21 април.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера потврди дека операцијата засега се одвива непречено и апелираше сите да учествуваат во оваа статистичка операција, бидејќи, како што нагласи, ни требаат податоци за креирање подобри услови за живеење во наредниот период.

Во однос на апликацијата за самопопишување наменета за дијаспората, директорот рече дека е безбедна, и ги отфрли сомневањата дека внесените податоци може да бидат искористени од страна на фирмата која ја има изработено.

– Базите се максимално заштитени, кај нас се и никој друг однадвор нема пристап до тие бази на податоци – ниту фирмата која ја направила апликацијата, ниту кој било друг, освен нас. Дури и во самата институција има строго определен протокол кој може да влегува во овие бази. Тоа се лица кои имаат сертификати и кои се претходно проверени значи, ни јас лично немам право да влезам во овие бази на податоци, рече Симовски.

Заклучно со вчерашниот ден во 10 часот преку апликацијата за самопишување се евидентирани 18 236 лица.

Од Држаниот завод за статистика информираат дека со пријавувањето на Апликацијата, корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација, и телефонски број на корисникот. При регистрација на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците.

Предвидено е собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Северна Македонија.

До апликацијата за попишување наменета за дијаспората, може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера побара од претставниците на здруженијата на Бугари во земјава да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што според Османи, значајно би придонело при формирањето на идните политики и на Владата.

Но, за ова веднаш реагираше Симовски, кој порача дека кога граѓанинот се изјаснува за својата припадност, не може да му се влијае на кој било начин затоа што графата во која се запишува етничката припадност е, празна.

Тој рече дека во електронската апликација откако ќе се впишат првите три букви на припадноста, се појавува поле за избор на етничка припадност од кодната листа на сите етнички припадности кои досега се регистрирани на сите пописи кај нас.

-Полето, каде што треба да се впише етничката припадност е празно за да не му се сугерира на лицето, во однос на неговото изјасување. Во електронската апликација се откуцуваат првите три букви на таа припадност, се појавува поле за избор на етничка припадност заради кодот, а во таа кодна листа се ставени сите етнички припадности, што сме ги имале досега, а во случај да се пријави етничка припадност што досега не сме ја регистрирале, и таа ќе стане дел од кодната листа, вели Симовски.

Тој исто така подвлече дека никој не може да добие формулар како се изјаснил бидејќи тоа се лични податоци.

– Жал ми е што одредени држави, не е само бугарската, барале од нас и досега и во изминатите години, за оние лица кои аплицирале за нивно државјанство, да достават како се изјасниле. Никој ниту некогаш добил, ниту ќе добие, ниту има право да добие формулар, ниту пак ние смееме да дадеме ваков податок. Кога граѓанинот се изјаснува за својата припадност, не може да му се влијае на кој било начин затоа што графата е празна и со впишување на првите три букви се појавува сето она што како припадност го има во кодексот на шифри, потенцираше вчера Симовски.

И министерката за труд и социјална почитика, Јагода Шахпаска вчера изјави дека пописот е многу важна статистичка операција.

МТСП како ресор ги регрутира прашањата кои се однесуваат на пензионерите работниците, ранливите категории граѓани децата. Оттука, како што рече, податоците кои ќе се добијат за старосната структура на населението ќе значат сериозен придонес како Министерството ќе ги креира своите политики за изградба на установи за претшколска возраст за сместување деца во градинка и ќе ги прави проекциите за домови за стари лица. Со пописот ќе бидат добиени податоци и за стапките на вработеност и невработеност, за квалификаците и оти согласно тоа ќе се креираат мерки и политики за намалување на невработеноста.

Од опозицијата остануваат на ставот дека власта подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис.

Токму затоа, вчера пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе Предлог-закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат итна и неодложна седница на Собранието, на која што ќе се изгласа овој Предлог на закон и ќе се стопира овој политички попис.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска испрати апел до сите пратеници, без разлика на која политичка партија и коалиција и припаѓаат и без разлика на етничка и национална припадност, да го поддржат овој Предлог закон.

– За неколку дена за укинување на Законот за попис се потпишаа сто илјади граѓани, кои со име и презиме, јасно и гласно го кажаа своето мислење и недоверба и рекле големо „НЕ” за ваков попис. Сите факти и аргументи ни говорат дека власта подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис, изјави Василевска.

ВМРО ДПМНЕ, како што истакна, не е против попис на населението, бидејќи таква статистичка операција е многу важна и неопходна за земјата, но е „против фингиран и наместен попис со кој власта ќе фингира бројки кои се резултат на партиско-коалициски пазарења и договори на штета на сите граѓани.бт/са/

Скопје, 4 март 2021 (МИА)


Видете следно

За еден ист стан во Скопје капар плаќаат тројца купувачи, пријавен агент за недвижности

По неколку години, повторно манипулација со продавање на станови. За еден ист стан во Скопје, …