Првата првомајска прослава во Кавадарци била организирана во 1914 година


Кавадарци, 1 мај 2020 (МИА) – Првата првомајска прослава во Кавадарци била организирана во 1914 година, потсети денеска историчарот Петре Камчевски. Ова било запишано во весникот „Радничке новине” ( орган на Социјалдемократската партија и на главниот работнички сојуз), број 93.

– Се разбира, по својата масовност и содржини оваа првомајска прослава не била направена на начин како што тоа било во поголемите градски центри како Скопје, Битола, Велес и други, каде работничкото движење имало и подлабоки корени и поголема традиција. По иницијатива на тогашната Социјалдемократска партија во Кавадарци, во централниот дел на градот се собрала една поголема група граѓани, појасни Камчевски за МИА.

На присутните им се обратил претседателот на Социјалдемократската партија на Кавадарци, Владо Митков. Од собирот била упатена телеграма со поздрави до централната првомајска прослава во Скопје.

-Во периодот на развојот и на јакнењето на партиската организација во Кавадарци, секако дека е значајно да се истакне акцијата за одбележување на меѓународниот ден. На овој ден за првпат работници, организирани од партијата, со развиорено црвено знаме минувале низ улиците на Кавадарци. Прославата била величествена и масовно посетена. И покрај масовното гонење и малтретирање на комунистите од буржоаските наемници, се одржал голем собир во просториите на хотелот „Балкан, каде реферирале Ристо Михов и Василие Величковиќ. Тие во своите реферати многу убаво и подробно го запознале насобраниот народ за значењето и историјата на 1 Мај, потсети Камчевски.

Оттаму, во најголем ред тргнале по улиците на Кавадарци со развиорено црвено знаме, закачено на долго копје, носено од Александар Попов, следени од голема маса народ, пеејќи ја Марселезата и работничката химна. На повидните места и во центарот на градот – чаршијата, зборувал учителот Милорад С. Жуњевиќ, за политичката акција на работничката класа. Потоа настапил и учителот Витомир Трумбиловиќ, кој во кратки црти ја објаснил борбата на пролетаријатот во Македонија.

Оваа манифестација, додаде Камчевски, во целост ја одразила огорченоста на работничката класа спрема буржоазијата и експлоататорскиот режим воопшто.

-Манифестацијата, иако во Кавадарци прва од ваков вид, многу придонела за правилно осознавање на работниот народ, кој само со класна борба ќе ги добие и користи резултатите од својот труд. По одржаниот собир, манифестантите се растуриле по своите домови, раскажа Камчевски.

Најстарата зачувана фотографија од првомајска прослава во Кавадарци, е од 1920 година.


Видете следно

Нови правила: Еве што за прв пат во својот живот треба да направите за време гласањето на избори

Гласањето на претстојните избори, и покрај актуелната пандемија на Ковид-19, ќе биде безбедно за граѓаните …