Консолидационо подрачје во Егри (Општина Битола)

Првиот план за распределба на земјоделско земјиште со промена на границите усвоен во Егри


Собранието на учесници во консолидација на земјоделско земјиште од село Егри (Општина Битола) со мнозинство гласови од сопствениците го усвои Планот за распределба на земјоделското земјиште – со што Егри е првиот проект за консолидација на земјоделско земјиште во државата по принципот на распределба со промена на границите.

Консолидацијата зафаќа 336 ха земјоделско земјиште и во процесот се вклучени 214 земјоделци. Планот за распределба на земјиштето вклучува намалување на бројот и промена на формата на 874 земјишни парцели во 260 парцели со просечна големина од 1.30 ха (во споредба со 0.38 ха просечна големина пред консолидацијата).


Гоце Ангеловски, земјоделец од Егри, е сопственик на 15 мали парцели земјоделско земјиште, со просечна големина од 0,4 ха и просторно оддалечени една од друга, кои сега се консолидирани во три, правилно формирани парцели со просечна големина од 2 ха и со подобар пристап за земјоделската механизација.

По усвојување на планот за распределба на земјиштето во Егри, ќе започне процесот за регистрација на новоформираните парцели во Катастарот за недвижности проследена со подготовки за инвестиции во подобрување на земјоделската инфраструктура во консолидационото подрачје (вклучително пристапни патишта, системи за наводнување и одводнување).  Инвестициите во земјоделска инфраструктура, во висина од приближно 360.000 евра, ќе се финансираат од Европската Унија, во рамки на проектот МАИНЛАНД, вклучително изградба на нови пристапни патишта, изградба на нови и реконструкција на постојните канали за одводнување, како и надградба на постојниот систем за наводнување.


Според Мортен Хартвигсен, експерт за земјишни политики на ФАО, „резултатите од консолидацијата на земјиштето во Егри се одличен пример за успешна консолидација на земјоделско земјиште во меѓународни рамки.“ Тој смета дека Егри ќе послужи како модел за тековното спроведување на девет други проекти за консолидација во рамките на проектот МАИНЛАНД, како и за идните проекти што ќе се спроведуваат како дел од Националната програма за консолидација на земјиштето во Северна Македонија”.


Видете следно

Во вториот квартал осум претставки од корисници на поштенски услуги

До Агенцијата за пошти во вториот квартал годинава се доставени осум претставки од корисници на …