Прво дигитално издание на „Race for the Cure“ во скопскиот Градски парк


 Во текот на овој викенд, на 25, 26 и 27 септември, во Скопје и низ повеќе од 30 градови во Европа се одржа првото дигитално издание на трката „Race for the Cure“, посветена на подигање на свеста за боробата против ракот на дојка, како и давање поддршка на сите кои директно или индиректно се погодени од оваа тешка болест. Организацијата „Борка – за секој нов ден“, нејзиниот долгогодишен партнер Македонски Телеком, како и други поддржувачи и учесници утрово, со почитување на протоколот за заштита од ковид-19, го одбележаа крајот на викендот со прошетка околу Градскиот парк.

Оваа година настанот, којшто е продолжување на традиционалниот марш „Напред розово“, кој во Скопје се одржува веќе 11 години, поради пандемијата беше организиран на дигитален начин. Учесниците од цела Европа, како и оние од 13 други градови од Македонија, имаа можност да се приклучат на трката и да го споделат своето учество онлајн благодарение на можностите што ги нуди технологијата. Преку мотото „Да останеме поврзани, да останеме безбедни“, Македонски Телеком ја повика јавноста да учествува во овој настан во што поголем број, со цел да ја пренесе оваа важна порака за ракот на дојка.

По овој повод главниот извршен директор на Македонски Телеком, Никола Љушев изјави:

„Има многу причини поради кои ние од Македонски Телеком несебично ја поддржуваме оваа кампања. Поаѓаме од фактот дека сме одговорен чинител во заедницата. Но, клучните мотиви лежат во нашата намера како лидер во дигитализацијата, да го поттикнуваме и да го јакнеме и хуманиот аспект сѐ со цел да изградиме едно хумано дигитално општество, во кое технолошките придобивки му служат на здравјето на граѓанинот. Затоа, повторно застануваме зад оваа благородна иницијатива, како и зад организациите и поединците коишто на сопствен начин се борат против болеста. Годинава, исто така, Телеком се распозна и во дигиталниот карактер на кампањата, па со нашата поддршка и учество сакаме да ја испратиме пораката дека не застануваме додека не направиме позитивна разлика во општеството. Впрочем, за едно општество да има развој и благосостојба потребни се здрави индивидуи, а ние како компанија сме посветени на создавањето технолошки услови за тоа, но и на поддржувањето вакви хумани акции – со цел успешен спој на двата аспекта“.

Главната тема на првото дигитално издание на традиционалната трка „Race for the Cure“ е едукација и предупредување од ефектите на ракот на дојка, но во последните неколку години силно се потенцира и раната детекција и превенција на оваа тешка болест, од која во Македонија дневно заболуваат 3 до 4 лица. Со вклучувањето на Македонски Телеком како партнер на оваа кампања само дополнително се потенцира важноста на технологијата во модерниот свет, која во изминатите месеци на живот во пандемија ни покажа дека има моќ да ги промени работите на подобро.


Видете следно

Владата препорача исплата на октовриските пензии од 27 октомври

Скопје, 20 октомври 2020 (МИА) – Владата на денешната 13-та седница им препорачува на деловните …