Раст на биткоинот откако Илон Маск соопшти дека го враќа во игра


Крипровалутите неодамна доживеаја пад. Биткоинот падна за речиси 50 отсто од 14 април, кога достигна рекордно ниво од над 64.900. Последниве неколку дена, цената на биткоинот скокна за повеќе од 8.000 долари, а некои предвидуваат и целосно закрепнување.

„Индекс” потсетува што сѐ се промени околу биткоинот последниве месеци и што му претходеше на падот?


Твитер-објавата на Илон Маск од 12 мај, дека „Тесла” повеќе не го прифаќа биткоин како средство за плаќање, предизвика пад на оваа криптовалута. Таа оттогаш не се опорави. Маск тогаш објасни дека рударењето биткоини е енергетски неисплатливо и нееколошко. Следната недела, падот на биткоинот изнесуваше неколку илјади долари, губејќи речиси една четвртина од својата вредност. Оттогаш, Кина воведе санкции за банките кои имаат каков било контакт со компании што продаваат биткоин, забранувајќи и рударење. Кинеските власти создаваат своја дигитална валута и со тоа сакаат да ги изолираат конкурентите.

Регулаторите во САД, Велика Британија и ЕУ, исто така, го усложнија тргувањето со биткоини. Многу земји се на мнение дека криптовалутите се преплавени со нелегални активности, како што е перењето пари. Во меѓувреме, инвеститорите навикнати на тоа биткоин да достигнува нови рекордни нивоа секој ден, одеднаш претрпеа загуби, па ги продадоа своите залихи, плашејќи се дека скептиците се во право и дека е само прашање на време кога оваа криптовалута ќе пропадне.

Последниве денови, како што предвидуваа некои аналитичари – ако работите не се променат во блиска иднина, цената на биткоинот може да падне на 21.000 долари. На 21 јули, Илон Маск беше гостин на конференција за криптовалути и најави дека „Тесла” повторно ќе го воведе биткоинот како средство за плаќање. Цената на биткоинот скокна за неколку минути, а краткорочниот тренд на раст беше повторно воспоставен во наредните денови.

Но, не беше само Маск тој што помогна за растот. Извршниот директор на Твитер, Џек Дорси, рече дека криптовалутите се голем дел од иднината на компанијата, а Кети Вуд од „Арк Инвест” уште еднаш изрази оптимизам за иднината на биткоинот.

Следните неколку недели ќе бидат клучни за тоа дали биткоинот се враќа или ова е само една краткорочна осцилација? Времето ќе покаже. си/сд/

Лос Анџелес, 3 август 2021 (МИА)


Видете следно

Крушево станува популарна дестинација за авантуристички туризам!

Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи заедно со градоначалникот на …