Растот на платите, обезбедените буџетски средства за нови капацитети и опрема се приоритет на Владата на РМ за текстилната индустрија


Министерот за финансии Драган Тевдовски и шефицата на кабинетот на Министерството за труд и социјална политика Санела Шкриељ, како претставници на Владата на Република Македонија, учествуваа на дебатата „Иднината во нашите очи“ во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“, која се одржа во рамки на Текстилијадата во Штип.

Како што истакна министерот за финансии, целта на Владата е да обезбеди подобар живот за граѓаните и развој на економијата, а овие две цели се заемно поврзани. Тевдовски додаде дека токму поради тоа, Владата истовремено го поддржува и растот на платите, преку мерки како минималната плата, но и техничко-технолошкиот развој на компаниите за зголемување на продуктивноста.

На дебатата во Штип, Тевдовски посочи дека растот на платите најмногу се гледа кај секторите за производство на текстил, облека и преработка на кожа, како области кои порано имаа плата под минималната, но сега прагот кај нив е изедначен со останатите сектори.

Министерот за финансии на трибината на манифестацијата „Текстилијада“ која се одржува по втор пат и која им овозможува на работниците и на работодавачите да ги споделат нивните теми од интерес, нагласи дека растот на платите влијае на покачување на продуктивноста на компаниите, бидејќи подобро платените работници се помотивирани и попродуктивни. Во таа насока, за да се поддржи зголемување на продуктивноста на компаниите, Владата обезбеди буџетски средства но и евтини кредити од Европската инвестициска банка, за да ги поддржи инвестициите во нови капацитети и опрема. Министерот рече дека зголемената продуктивност на компаниите на крај ќе се отслика на развојот на економијата во целост.

Во име на Министерството за труд и социјална политика, шефицата на кабинетот на министерката, Шкриељ нагласи дека изминатата година и пол МТСП интензивно работеше на законски решенија со кои се унапредуваат работничките права. Една од тие мерки е поддршката за раст на плати со кои на работниците им се исплаќа повисока минимална плата, а работодавачите добиваат поддршка за истата и од оваа мерка веќе се гледаат резултатите. Таа информираше дека во тек е и подготовка на нов закон за работни односи кој ќе биде усогласен со европските стандарди.

На дебатата учествуваа и Благој Бочварски и Николчо Илиев, како градоначалници на Штип и Кочани, градови со доминантно текстилна индустрија.


Видете следно

РЕАКЦИЈА НА ЗМСТАС: ПОДОБРО ЈАВНО ЗДРАВСТВО БЕЗ МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ?!

„Вложуваме во подобро јавно здравство. Целта е да обезбедиме подобри здравствени услуги.” – Унијата на …