Регионална конференција за управување со квалитетот на воздухот во регионот Западен Балкан – прашања, решенија и финансирање Конференцијата се одржа во Скопје


Претставници на владите на Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина (БИХ) и на Србија се состанаа денес во Скопје на регионалната конференција за Управување со квалитетот на воздухот во регионот Западен Балкан – прашања, решенија и финансирање. Заеднички организирана од страната на Владата на Северна Македонија и Светска банка, конференцијата претставуваше можност за учење од искуствата од Западен Балкан и од ЕУ, како и од други земји (како што се Индија и Кина) за иновативните начини за пристап кон управувањето со квалитетот на воздухот, за мобилизирање знаења и за охрабрување на посилната регионална соработка во оваа област.

Загадувањето на амбиенталниот воздух (ЗАВ) е сериозен глобален здравствен проблем одговорен за предвремената смрт на околу 4,2 милиони луѓе низ светот, на годишно ниво. Изложеноста на ситни честички (РМ2,5) е особено опасна за човековото здравје бидејќи овие честички успеваат да навлезат длабоко во белите дробови и во крвотокот што резултира со сериозни здравствени проблеми. Предвремената смрт и болестите предизвикани од загадувањето на воздухот може да резултираат со зголемени здравствени расходи и со загуби во продуктивноста на трудот. Луѓето во Источна Европа и Западен Балкан често се изложени на екстремно високо загадување на воздухот во урбаните подрачја кои често го надминуваат нивото што според СЗО се смета за безбедно.

„Справувањето со загадувањето на воздухот во Западен Балкан е предизвик во областа на животната средина и јавното здравје што треба веднаш да се решава и тоа е високо на агендата на Светска банка како и на многу други партнери што работат во овој регион“, рече Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово. „Задоволство ни е да бидеме дел од овие дискусии денес и ќе продолжиме со активностите за поддршка за намалување на загадувањето на воздухот и за воспоставување кредибилни системи за управување со квалитетот на воздухот во регионот преку советодавни услуги, техничка помош и мобилизирање финансиски средства за инвестиции.“

„Ја цениме аналитичката поддршка од Светска банка и се радуваме дека ќе работиме со неа и со другите развојни партнери за да ги мобилизираме потребните финансиски средства за да помогнеме да се подобри квалитетот на нашиот воздух и да се намалат влијанијата од лошиот квалитет на воздухот врз човековото здравје.“ рече Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање, акцентирајќи ја и потребата за регионална соработка. „Овие дискусии помагаат да се зајакне соработката во регионот Западен Балкан што е особено важно имајќи предвид дека значителен дел од загадувањето на воздухот е прекугранично.“

Конференцијата беше можност земјите од Западен Балкан да ја забрзаат регионалната размена и споделување на знаења и да се презентираат аналитичките наоди од претстојните студии за здравствените и економските штети од загадувањето на воздухот во Босна и Херцеговина, Косово и во Северна Македонија.

На конференцијата се дискутираше и дека би можел да се подготви сеопфатен пристап за справување со загадувањето на воздухот во Зададен Балкан со три основни компоненти: (а) Податоци, знаење и стратегија, вклучувајќи развој на сеопфатни планови и инвестициски стратегии за управување со квалитетот на воздухот; (б) Мерки за намалување на изложеноста на загадувањето на воздухот на кус рок, особено за младите, слабите и ранливите и (в) Мерки и инвестиции на среден и долг рок за постојано намалување на нивото на загадувањето под меѓународно прифатените стандарди.


Видете следно

На денешен ден беше застрелан, а остана еден од најголемите музички икони на дваесетиот век

Џон Винстон Ленон е роден на 9 октомври 1940 е познат како пејач, композитор и …