Река нема да тргува со гласачите – Дали Талат Џафери ќе ја преземе функцијата Претседател на државата?!


Вчера заврши гласањето за првиот круг за шестите претседателски избори во земјава и првите избори откако е ратификуван Преспанскиот договор. Следниот претседател ќе биде петтиот претседател од независноста наваму и првиот претседател на Република Северна Македонија.

Во првиот круг еден кандидат може да стане претседател само ако освоил мнозинсто од гласовите од вкупнот број гласачи плус еден од вкупниот број на гласачи запишани во избирачкиот список .

Во вториот круг излезноста треба да биде 40 проценти за да може да се избере претседател, согласно Изборниот законик, пишува Истражувачката репортерска лабараторија.

Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Според член 82 нема предвидено рок до кога мора да се распишат новите претседателски избори ако не се исполни цензусот, а предвидено е во случај на спреченост функцијата претседател да ја врши претседателот на Собранието.

Во трката беа тројца кандидати каде Стево Пендаровски освои најмногу гласови, а потоа следеа Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река.

По гласањето кандидатот Блерим Река, соопшти дека нема да тргуваат со гласовите на нивните подржувачи. Тоа значи дека нивните гласачи има шанси да не излезат на гласање во вториот круг, при што постои можност да не се добие бараниот цензус.

Во интервју за ТВ21, премиерот Зоран Заев изјави дека очекува цензусот да се постигне:

„Јас верувам дека ќе се постигне 40 отсто и секако не размислувам за бојкотот. Рената Десковска како прв правник во мојата Влада ми вика, имаш две варијанти – повторување на изборите, и можност да се смени Уставот и во него се две подможности – или да го тргнеш цензусот или да бираш претседател во Собранието. И што сега ќе мислам, мислам како ќе има цензус. И ќе има цензус, верувам дека ќе го постигнеме, затоа што верувам во граѓаните. Нема да ја остават вака државата да оди низ вода. Тоа ќе биде нова политичка криза“

Оливер Деркоски, претседателот на ДИК, неодамна изјави дека доколку нема цензус, функцијата Претседател на државата како вршител на должноста ја презема претседателот на Собранието, кој во овој случај е Талат Џафери.


Видете следно

УЈП: За неколку дена истекува рокот за увид во претпополнетата ГДП за 2018 година

Управата за јавни приходи ги информира граѓаните дека на 31.05.2019 истекува рокот за увид во …