Ременски: И не мразам никого, не дозволив да ме исфрустрираат транзиционите политичари


За Фри-Шопот и стечајците …

На граничниот премин Деве Баир во Крива Паланка во меѓуграничната зона и денес под клуч се распаѓаат два објекти, едниот викан “стариот Фри-Шоп”, другиот “новиот Фри-Шоп” во основа Фри-Шоповите со кои управуваше фирмата која отиде под стечај ТИГАР од Кр. Паланка.
Од оваа фирма и од Фри-Шопот во стечај отидоа илјадници работници, меѓу кои и мајка ми и татко ми.

На времето додека работниците работеа, а работеа турбо таму 24/7 во три смени (татко ми беше еден од нив) велеа дека, се правел дневен промет со шестоцифрена бројка, тогаш германски марки.

ТИГАР отиде под стечај, а со тоа испрати дома луѓе кои беа далеку од пензија. Уште се тужат работници, уште чекаат физичка делба на имотот на фирмата за акциите што ги поседуваа во фирмата, некои починаа, некои дочекаа пензија.

Додека траеше голготата на работниците празните објекти на Фри-Шопот на Деве Баир беше место каде што работници (меѓу кои и мајка ми) одеа трета смена за да зголемат ставка за пензија. Чуваа празен објект на фирма во стечај на меѓугранична зона!

И мајка ми и татко ми како стечајни работници, заедно со своите колеги заминаа под бирото за вработување со паричен додаток од 3000 денари до пензија, а јас студент.
Среќа татко ми мајстор шнајдер со дарба за игла, годините нижеше егзистанција за сите. Да се живи и здрави, денес двајцата дочекаа старосна минимална пензија и чекаат некаква правда и вредност на некакви акции кои никој не знае во кој лавиринт залутаа.

И денес, како работничко дете кое знае “како се калеше челикот” и како се цени работнички труд од шнајдерска игла, и како се трча маранот до успехот со мамини-татини синови, никогаш нема да потценам ниту еден човек, по ниту една основа, особено не работникот и неговата пот и борба за своите деца!

Горда сум и тажна истовремено, кога после толку години како пратеник учествував во решавањето на статусот на стечајните работници со три закони.

И јас како политичар сакам пензионерите да имаат поголема пензија. Сакам мајка ми и татко ми да не бидат во 22% пензионери со минимална пензија од 7600 денари. Но, мајка ми вика: “Сине средете ја државата, за да можете и вие да дочекате пензии, ние живеевме и со помалку и знаеме како е!”

И така, денес кога слушам како професорка, моја колешка (почит за годините) држи говор за “транзиција”, “транзициони политичари”, “правда”, “право” и “фри-шоповите кои не ги негира”, ми иде да ја поканам на гости кај моите родители во Кр.Паланка и да ја чуе изворно вистината за таа фри-шоповска транзиција од паталци; да погледне документи и да каже што е право и што е правда; да им каже во лице дека нивната ќерка е “транзиционен политичар” или “дете на транзицијата”. Може да ги види и шнајдерските машини кои уште ја облекуваат “транзиционста политичарка” која бара правда за праведните, а не за криминалците пред кои таа застана. Може да ја види и мојата студентска библиотека и првиот компјутер купен од првата плата. Може да ги види и прозорците на куќата кои трипати ги кршеа сега нејзини поддржувачи … Може да види се, зошто ние сме добри луѓе, никому должни и секогаш тука за добронамерници. Но, не верувам дека го разбира зборот “транзиција” и “транзиционери”, затоа што додека некои ја живееја транзицијата, други ја создаваа !

И не мразам никого, не дозволив да ме исфрустрираат транзиционите политичари … Ме направија посилна и поправедна, реална и емпатична, неприкосновен борец против неправдата и криминалците кои транзитираат и продаваат чест !


Видете следно

Градот Скопје денеска го затвора јавниот повик за субвенционирање на купувањето велосипеди за 2019 година

Градот Скопје ги информира граѓаните дека денеска го затвора јавниот повик за субвенционирање на купувањето …