Република Македонија пристапи кон највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на ММФ – СДДС плус


На 28 јануари годинава, Република Македонија пристапи кон највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус. Денес, Државниот завод за статистика (ДЗС), Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Министерството за финансии организираа заеднички промотивен настан, на кој ја споделија оваа исклучително важна вест со јавноста.

„Ова е голем исчекор и потврда за квалитетот на нашиот статистички систем. Република Македонија е осумнаесетта земја во светот, а втора од Југоисточна Европа, што пристапува кон СДДС плус – прва меѓу земјите од регионот кои сѐ уште не се членки на Европската Унија.” – истакна гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска. Во своето обраќање, таа нагласи дека овој успешен заеднички проект е јасна потврда за посветеноста на трите институции за постојано надградување на националните статистики и на нивното усогласување со најновите, највисоки меѓународни статистички стандарди.

Како што истакна и директорот на ДЗС, Апостол Симовски, значењето и важноста на примената на стандардите на ММФ, главните носители на статистички истражувања во нашиот национален статистички систем ги препознаа уште на почетокот на 2000-те години, кога заеднички почнаа да работат на исполнувањето на критериумите за првиот стандард ГДДС, кон кој Република Македонија пристапи во февруари 2004 година. „Само за споредба, земјите од регионот – Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово – сѐ уште се во овој стандард.” – нагласи Симовски, по што истакна и дека веќе во ноември 2011 година Република Македонија премина кон повисокиот стандард СДДС – специјален систем за дисеминација на податоци, во кој и денес се Словенија, Хрватска, Белгија, Грција, Унгарија, Руската Федерација и други. Дел од стандардот СДДС плус, кон кој пристапи нашава земја пред неколку дена, се и Соединетите Американски Држави, Канада, Франција, Германија, Австрија, Италија, Шведска и Јапонија.

„Пристапувањето кон СДДС плус ќе придонесе за поголема доверба и позиција кај меѓународните финансиски организации, кредитните рејтинг-агенции и што е особено важно, кај инвеститорите. За меѓународните инвеститори и институции високите статистички стандарди се клучни. Ако веруваат во податоците, значи дека веруваат во државата. Со пристапувањето кон СДДС плус го јакнеме кредибилитетот на државата во меѓународни рамки.” – истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Истовремено, пристапувањето кон оној стандард на ММФ значително го зголемува и капацитетот на македонската економија за навремено утврдување и спречување на ранливостите во финансискиот сектор, како и на потенцијалните ризици во меѓусекторските изложености.

Исполнувањето на условите на стандардот СДДС плус подразбира изготвување девет нови категории податоци, од кои седум се во надлежност на НБРМ, а две се во надлежност на Министерството за финансии. Координатор на работната група којашто посветено работеше на пристапувањето кон овој стандард беше ДЗС, како координатор и на националниот статистички систем.

По пристапувањето кон СДДС плус, главните носители на статистичките истражувања во земјава се соочуваат со нови предизвици. Конкретно, по изготвувањето и доставувањето на првите пет, во натамошниот период, како дел од овој стандард на ММФ ќе бидат испорачани уште четири статистички показатели кои се однесуваат на статистиката на хартии од вредност, статистиката за финансиски сметки и статистиката на јавните финансии. „Имаме визија, имаме тимови од одговорни професионалци кои секојдневно работат на остварување на целите коишто пред нас ги постави СДДС плус, имаме одлична меѓуинституционална соработка. Сето ова што е и неопходно за да се изгради и да се развие современа и квалитетна статистика, ни е гаранција дека ќе успееме до крај.” – беше порачано на денешниот настан.


Видете следно

ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПРОЕКТОТ КУПИ КУЌА КУПИ СТАН

Градежната комора на  Македонија го поддржува проектoт  Купи куќа купи стан од самиот почеток на неговата …