Рецесијата се продлабочува во Северна Македонија додека КОВИД-19 пандемијата се заканува на економските изгледи, се вели во најновиот Редовен економски извештај


КОВИД-19 пандемијата силно ја погоди Северна Македонија, со ограничување на движењето, нарушени синџири на снабдување и продолжена неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата. Како резултат на тоа, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата, па економската активност се предвидува да се намали за 4.1 процент во 2020 година, се вели во најновиот Редовен економски извештај на Светска банка.

Северна Македонија не е единствената земја погодена; сите земји од Западен Балкан се соочуваат со рецесија, па регионалниот раст се предвидува да се намали за 4.8 проценти во 2020 година, што е за 1,7 процентни поени пониско од априлската проекција. Вториот, посилен бран на пандемијата што почна во средината на јуни, го забави закрепнувањето во регионот. Ограничувањата на патувањата и мерките за социјално дистанцирање исто така придонесоа за намалувањето на растот во оние земји што се повеќе зависни од туризмот.

Иако со поддршка на Владата, Северна Македонија го ублажи влијанието од кризата врз пазарот на труд, стапката на невработеност се зголеми на 16,7 проценти, за прв пат од 2011 година,  бидејќи во вториот квартал од годината 17.690 лица ги загубија своите работни места. Програмите за поддршка на Владата, исто така, помогнаа во ублажување на влијанието врз работниците и фирмите, но фискалниот простор се стесни бидејќи долот надмина 60 проценти од БДП. Бидејќи крајот на економската криза е несигурен, притисоците врз пазарот на трудот и врз приходите веројатно ќе продолжат уште неколку месеци.

„Краткорочните изгледи за Северна Македонија се позитивни, но доминираат надолните ризици. Фазата на сузбивање на пандемијата сé уште не е завршена и продолжената пандемија, заедно со сé уште важечките мерки за социјално дистанцирање може уште повеќе да го одложи закрепнувањето.“, вели Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија. „Понатаму, економските и социјалните мерки за справување со кризата ќе бидат главен приоритет, но исто така, ќе биде важно и да се продолжи со неопходните среднорочни фискални реформи, реформи во областа на конкурентноста, животната средина и доброто управување со јавните политики, за да се постигне одржливо закрепнување и пристап во ЕУ“.

Пандемијата и понатаму претставува предизвик за пазарите на трудот во регионот и се заканува да го наруши напредокот што го постигнаа земјите во регионот во нивните агенди за подобрување на добросостојбата, особено во намалувањето на сиромаштијата. До јуни, стапката на невработеност во регионот се зголеми за половина процентен поен што претставува загуба на 139.000 работни места. Уште 300.000 луѓе паднаа во сиромаштија во Албанија, Косово, Црна Гора и во Србија, што е значителна бројка, но сепак половина од она што би се случило без мерките на владите како одговор на кризата, се забележува во извештајот.

„Како и во поголем дел од светот, КОВИД-19 пандемијата и понатаму тешко ги погодува луѓето во Западен Балкан, заканувајќи се како на здравствената, така и на економската добросостојба на населението во сите шест земји.“ вели Линда Ван Гелдер, директорка за регионот на Западен Балкан при Светска банка.

„Колку и да е лоша состојбата, таа би била многу полоша ако властите уште на почетокот на кризата не преземаа брзи мерки. Приоритет е ставање на здравствената криза под контрола и ограничување на економската штета. Потребно е креаторите на политики во регионот да се фокусираат на зајакнување на економските фундаменти за одржливо закрепнување“.

Според извештајот, сите шест земји во регионот брзо воведоа политики за заштита на животите и егзистенцијата. Воведувањето на програми за зачувување на работните места, вклучувајќи и субвенции за вработените помогнаа да се запрат некои од најлошите влијанија на пандемијата врз вработеноста, додека програмите за социјална помош, како што се паричните надоместоци, помогнаа да се заштити најранливото население во регионот кое е најпогодено од ограничувањата на движењето и другите рестрикции. Меѓутоа, и покрај овие мерки, постигнувањата во регионот во последните неколку години во делот на учеството во работната сила сега се збришани, а напредокот во намалувањето на сиромаштијата е доведен во прашање поради кризата.

„Покрај подобрувањето на здравствените системи и робусните механизми за социјална заштита, креаторите на политики во регионот ќе треба да преземат мерки за зајакнување на човечкиот капитал, градење посилни институции и зајакнување на владеењето на правото. Неблагодарната состојба, кога треба да се зголеми трошењето во време кога приходите се намалуваат, прави дополнителен притисок врз владите во регионот да дадат приоритет на фискалната одржливост, вклучително и преку подобрување на јавната потрошувачка и зајакнување на даночната дисциплина“, вели Линда Ван Гелдер.

Извештајот потврдува дека брзината на закрепнувањето, на краток рок, ќе зависи од развојот на пандемијата, одобрувањето на вакцина што ќе овозможи нормализација на економската активност и одржливо закрепнување кај главните трговски партнери на регионот, особено на Европската Унија (ЕУ).

Вашингтон, 22 октомври 2020 година – 


Видете следно

Економското закрепнување на Шпанија од пандемијата се очекува до 2023 година

Шпанија ќе мора да почека барем до 2023 година за да достигне стабилно економско закрепнување …