РКЕ одржа координативен состанок со енергетските компании


Скопје, 29 октомври 2020 (МИА) – Ранливите категории на граѓани не смеат да бидат исклучени од системот на електрична енергија во декември, јануари и февруари поради неплатени фактури, истакна денеска повторно претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски на состанокот со енергетските компании.

Тој уште еднаш повтори дека граѓаните од ранливите категории доколку имаат доспеан долг, имаат можност за одложено плаќање или плаќање на најмалку шест еднакви рати, а секој кој е заведен во евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, има право да бара да биде ослободен од обврската за плаќање на надоместок за повторно приклучување, како и бесплатно да му се направи вонредна верификација на мерната опрема.

– Исто така, сите потрошувачи имаат право и можат да се жалат и да добијат надоместок за штета поради прекини во испораката на енергија со послаб квалитет од пропишаниот доколку ги исполнуваат условите и критериумите од Правилата за определување на надомест на штета причинета на производителите и потрошувачите на електрична енергија, рече Бислимоски.

Во своето обраќање, Бислимоски се осврна и на работата на енергетските компании во наметнатите услови предизвикани од пандемијата. Наплатата, како што посочи, е вратена во нормала, пензионерите покажале доследност при плаќањето на сметките веднаш по добивањето на пензијата, а енергетските компании преку дигиталните услуги успеале да го намалат физичкиот контакт со потрошувачите согласно здравствените препораки.

– Потрошувачката кај индустриските капацитети се намали, тоа се рефлектираше и врз работата на енергетските компании и затоа од исклучителна важност беше оптимизирање на производството и потрошувачката преку секојдневна координација помеѓу енергетските компании. Економската неизвесност ги направи потрошувачите воздржани во плаќањето на сметките за режиските трошоци, но по првичниот шок од новонастанатата состојба, наплатата се врати во нормала. Пензионерите покажаа доследност и одговорност преку плаќањето на овие трошоци веднаш по добивањето на пензијата. Компаниите ги зголемија дигиталните услуги со што се намали физичкиот контакт, согласно здравствените препораки, но и се овозможи достапноста за самостојно отчитување на струјомери, контрола на сметката, доставување на поплаки и плаќање преку интернет, нагласи Бислимоски.

Денешниот состанок е редовен состанок на РКЕ со енергетските компании ЕСМ, МЕПСО и ЕВН. бак/сп/


Видете следно

Се воведува редовна авиолинија Скопје-Киев

На релацијата Скопје-Киев од 6 декември (недела) се воведува редовна авиолинија. Новите летови, што се …