Breaking News

САД издвоија дополнителни 17 милиони долари помош за вооружените сили на БиХ


Американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина Мајкл Марфи најави дополнителна финансиска поддршка од неговата влада за вооружените сили на Босна и Херцеговина кои со години се соочуваат со хроничен недостиг на пари од државниот буџет.

Во пораката објавена на Твитер профилот на Амбасадата на САД, Марфи ја честита годишнината од формирањето на обединетите вооружени сили на Босна и Херцеговина, создадени во 2006 година со спојување на претходните армии на ентитетите. Оваа интеграција беше извршена со силен притисок на меѓународната заедница, особено на САД, а Босна и Херцеговина доби обединета армија составена од околу десет илјади професионални војници, подофицери и офицери и околу пет илјади членови на т.н. активни резерви.


Американскиот амбасадор истакна дека нема земја која инвестирала повеќе од САД во поддршката на вооружените сили на Босна и Херцеговина.

– Мојата земја се гордее со тоа. Денеска со задоволство можам да објавам дека оваа година САД издвојуваат дополнителни 17 милиони долари за поддршка на вооружените сили на Босна и Херцеговина, информира Марфи.


Буџетот со кој располага Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина и нејзините вооружени сили со години е под 300 милиони конвертибилни марки или 150 милиони евра, а со тие пари може да се обезбедат само основните функции на армијата. јт/зш/

МИА