СДСМ: За само 2.5 години невработеноста падна на 17.1% и се отворија нови 60.000 работни места


Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку иновативни политики и развојни реформи за само 2,5 години успеa, не само да ја стабилизира економијата во државата, туку и да обезбеди економски раст кој овозможува вистински придобивки за сите граѓани, соопштуваат од партијата.

„Потврда за тоа се отворањето на 60.000 нови работни места, намалување на стапката на невработеност на историски најниска од 17.1 отсто и кај младите на 35,3 отсто со пад од 13 отсто.

СДСМ продолжува со мерките кои значат отворање на нови работни места.

Еден од клучните механизми за остварување на таа цел е Оперативниот план за вработување, кој годинава треба да вклучи 12.000 нови невработени лица. За него се издвоени рекордни 1,45 милијарди денари наменети за инвестиции во претприемништво, поддршка за креирање нови работни места, обуки и доквалификација, практиканство и реализација на Гаранцијата за млади.

Се потврди и дека самовработувањето преку стартување на микро бизниси е одржливо, бидејќи 93% од компаниите формирани со помош на оваа мерка во 2017 година активно работат, како и 99% од компаниите формирани во 2018 година.

Затоа во 2020 година се очекуваат отворање на нови 1.364 микро бизниси, за кои се издвоени 447 милиони денари.

Оперативните мерки и во 2020 предвидуваат обуки и доквалификации за занимања за кои постојат потреби на пазарот на трудот. Со нив е планирано да се опфатат 3.224 лица.

Во Гаранција за млади се вклучија над 18.000 лица, од кои 35% се стекнале со практиканство, обука или биле вработени. Тоа е повисока реализација и од европскиот просек на оваа мерка кој изнесува 33 отсто.

СДСМ продолжува со силна поддршка за се поголема вработеност на граѓаните, преку отворање на нови работни места, бидејќи намалувањето на невработеноста и добро платени работни места беше и останува клучен приоритет на партијата“, велат од СДСМ.


Видете следно

Претседателот Пендаровски ја посети Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја посети Лабораторијата за вирусологија и молекуларна …