Breaking News

Седница на Уставниот суд


Уставниот суд денеска ќе ја одржи својата втора седница на чиј дневен ред се четири иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и три барања за заштита на слободите и правата.


Судот ќе решава по иницијативата поднесена од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) со која се оспорува Член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработени во јавен сектор. Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член се овозможува повратно дејство со кое на конкретно лице му е направена значителна штета, повредени му се слободите и правата и е ставен во понеповолна положба пред Уставот и законите, бидејќи членот 10 предвидува изземање на вработените кои ќе остварат право на пензија во рок од 10 години од денот на отпочнување на примена на законот.


Ова, според подносителот, е противправна категоризација на вработените со ист статус и иста правна состојба да можат подеднакво да ги остваруваат стекнатите права од работен однос. Подносителот наведува дека вработените на кои им се укинуваат правата според оспорениот закон, веќе се стекнале со права и обврски од работен однос според условите и правилата кои биле предвидени со тогашните закони.

– Според тогаш бараните законски услови, вработените веќе биле подложени на вреднување по однос на стручни и работни компетенции и квалификации за стекнување на конкретното работно место и звање во хиерархијата на работни места, наведува подносителот на иницијативата, наведувајќи дека со вака оспорената одредба се создава правна ситуација од можно губење на стекнато право од работен однос.


Подносителот смета дека оспорената одредба е во спротивност со членот 52 став 4 од Уставот, кој предвидува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок кога е поволно за граѓаните.

Судиите ќе расправаат и по иницијативата поднесена од Благоја Новески со која се оспорува став 2 од членот 44 од Законот за социјалната заштита. Според подносителот, оспорениот став од Законот е во спротивност со член 9 став 2 од Уставот, бидејќи ја ограничувала можноста лице да го оствари своето право на надомест заради попреченост поради возраста.


На дневен ред на седницата е и иницијативата на „Старбаг“ АГ – Подружница Скопје со која се оспорува Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со кој според подносителот се повредува членот 8 од Уставот. Подносителот бара од Уставниот суд „да донесе одлука за дополнување на оспорениот член со нова дејност – градежништво, пред се градење на проекти кои се странски инвестиции со цел развој на патната инфраструктура во државата“ и да му се даде право на работа и во недела.

Уставните судии ќе ја разгледуваат и иницијативата поднесена од Јове Кекеновски со која се оспорува Членот 3 од Законот за изменување на Законот за административни службеници. Според подносителот на иницијативата, спорна е одредбата дека бодовите на плата во делот на образованието за државниот службеник со ниво на квалификациите VI Б, односно стекнати 180 кредити според ЕКТС, кој засновал работен однос во институцијата заклучно со денот на започнувањето со примената на Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 27/14), ќе се вреднуваат со 56 бода.


Со оспорениот член, според подносителот, се изедначуваат две категории на вработени, односно тие со VI Б или стекнати 180 кредити и оние со VI A кои имаат 240 кредити, бидејќи се вреднуваат со 56 бода. Се изедначуваат две категории кои имаат различно ниво на квалификации/образование, што, според подносителот, е спротивно на членот 32 од Уставот дека секој вработен има право на соодветна заработувачка. Кекеновски смета и дека остварувањето на правата и нивната положба се уредени со закон и колективни договори.

Судот ќе ги разгледува и барања за заштита на слободите и правата поднесени од Илир Рушани, Влатко Сајковски и Емилија Петковска.

Рушани во барањето тврди дека бил дискриминиран по основ на политичка припадност, бидејќи на 25 декември 2019 година Собранието врз основа на оглас избрало друг кандидат, кој, како што тврди, не ги исполнувал законските услови и условите наведени во огласот, според него, го утврдила и Државната комисија за спречување на корупција со Одлука бр.12-88/10).

Сајковски бара да се утврди дискриминација по однос на политичка припадност сторена од страна на Собранието, преку Одлука и две пресуди – од Основниот суд Кичево и Апелациониот суд Гостивар. Според мего, Собранието со Одлука од 13.10.2016 година, извршила именување на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, каде и тој бил еден од членовите на Комисијата. Тој наведува дека четворица членови на Комисијата, иако им истекол мандатот, продолжиле со работа, а Владата со допис предложила разрешување на целокупниот состав поради непокажување особени резултати во работењето, по што тие биле разрешени со Одлуката на Собранието која ја оспорува.

Петковска, пак, наведува дека решение донесено на Основниот суд – Битола на 23.12.2019 година, како и решение на Апелациониот суд – Битола, биле засновани на дискриминаторска основа, бидејќи со нив и е оневозможен еднаков третман и остварување на правата во судска постапка, само поради нејзините лични својства како индивидуа – жена, која била во вториот месец од бременоста. сп/лв/