Седум години Вип на македонскиот пазар


Одличните резултати – поттик за креирање на нови супериорни кориснички искуства

Од влезот на пазарот во 2007-та година Вип оператор досега инвестираше 140 милиони евра и денеска е втор по големина мобилен оператор со пазарен удел од 28.2%. Корисниците на Вип оператор освен најдобри услуги по најдобри цени имаат и можност да користат 4Г ЛТЕ мрежа со најголема покриеност

Скопје, 19. септември 2014 – Со одлични резултати во сите сегменти од своето работење Вип оператор ја одбележува седмата година од влезот на македонскиот пазар на мобилна телефонија. Слоганот „Повеќе за вас“ и понатаму останува синоним за сите операции на Вип и во целост ги опишува остварените ветувања на корисниците во Македонија – да зборуваат повеќе и да плаќаат помалку, да имаат слободна и неограничена комуникација во движење.

Во 2007 г. Вип започна како трет мобилен оператор на пазарот, беше 2Г оператор и истата година ја заврши со пазарен удел од 8% и заработка пред камати, даноци, амортизација и депресијација (ЕБИТДА) за три месеци со негатива од 14 милиони евра. Седум години подоцна, Вип има најголем удел на постпејд корисници на пазарот (50%), нуди 3Г ХСПА+ и 4Г ЛТЕ услуги за корисниците и има пазарен удел од над 28%. Вип цврсто стои на позицијата втор мобилен оператор на пазарот и покажува добивка.

– Вип во вистинската смисла на зборот го либерализираше пазарот на мобилна телефонија во Македонија, предизвикувајќи структурни ценовни поместувања и донесувајќи нови иновативни продукти и услуги. Успехот во изминатите седум години го трасираше патот кон нови инвестиции во напредни технологии како 4Г ЛТЕ и услуги базирани на супербрз интернет, зашто силно веруваме дека мултимедијалните услуги ќе бидат главната одредница во развојот на пазарот во годините кои следат, изјави главниот извршен директор на Вип оператор, Никола Љушев.

Од влезот на Вип оператор на македонскиот пазар досега инвестирани се околу 140 милиони евра во изградба на најсовремени и најнапредни мрежи – ЕДГЕ, 3Г ХСПА+ и 4Г ЛТЕ, во системи, производи и услуги, корисничка грижа, лиценци, како и инвестиции во луѓето, партнерите и општеството во целина.

Vip_pres conferencija_FOTO 1

– Растот на корисниците се рефлектира и врз растот на приходите во изминатите години. Во периодот од 2007 до 2013 година трендот на раст на приходите беше очигледен. Почнавме со 2.4 милиони евра во 2007, а во 2013 пораснавме до 50 милиони евра. Морам да напоменам дека во 2014 г. главно поради 70% намалување на цените за терминација на повици во друга мрежа, приходите се намалија. Она што можеме да го кажеме во моментов е дека ќе продолжиме да нудиме и ќе инвестираме во понуда на најдобри услуги за нашите корисници, покрај сите предизвици со кои се соочува мобилната индустрија генерално. Преземањето на Близу Македонија од страна на Телеком Австрија Групацијата ја поставува насоката за идните инвестиции и понатамошен раст за двете компании на македонскиот пазар. – истакна Питер Цидек, главен финансиски директор на Вип.

Со воведувањето на првата рамна тарифа на пазарот во 2007 г., а со тоа и вистинска конкуренција на пазарот, Вип понуди повеќе за своите корисници – повеќе вредност, повеќе разговори, повеќе бесплатни минути, повеќе податочен сообраќај, повеќе иновативни услуги и решенија. На корисниците во текот на овие седум години им беше понудена нова услуга на секои 18 дена. Помеѓу тие понуди е и најновата роденденска понуда на Вип, која им овозможува на постпејд корисниците дополнителни бесплатни 3GB интернет месечно и одлични 7 паметни телефони во текот на 7 недели, достапни на рати.

– Секогаш повеќе за корисниците и супериорна корисничка грижа е нашиот имератив. Нашиот тим секогаш се стреми да ги пресретне и надмине потребите на корисниците – да го издигне корисникот на пиедестал. И понатаму остануваме посветени во таа насока, изјави Гернот Раш, главен маркетинг директор на Вип.

Освен инвестициите во корисниците и во оперативното работење, Вип во изминатите седум години инвестираше повеќе од 1.1 милиони евра во заедницата, во вистинските вредности, преку партнерствата со македонскиот ракомет, ИФФК „Браќа Манаки“, преку вложувања во здравството и во најмладите.

– Постигнатите резултати се должат на напорната работа на целиот тим на Вип и на синергијата и искуствата на Телеком Австрија Групацијата. Нашиот тим ќе го обезбеди и идниот раст на компанијата преку обезбедување на најнови мобилни решенија за корисниците, достапни услуги и технологии, понатамошно искористување можностите на нашата 4Г ЛТЕ мрежа и заедно со нашиот нов партнер Близу Македонија во иднина ќе понудиме конвергентни услуги, додаде Љушев.


Видете следно

Калифорнија бара повлекување на вакцината на Модерна

Одделот за јавно здравје во Калифорнија бара да се повлечат вакцините на „Модерна” против коронавирус …