Седум инструктори понудија онлајн вежби за граѓаните


Онлајн видеа со вежби понудија на граѓаните седум инструктори во различни домени на спортот за одржување на телесната форма за време на вонредните услови.

Видеата, како што информираат од Град Скопје, почнаа на 13 мај а се објавуваат секој ден во 19 часот на фејсбук страната на Градот. Видеата со вежби до сега имаат околу 30.000 прегледи.

-На фејсбук страната на Град Скопје досега се објавени шест видеа со вежби, а за граѓаните своите стручни совети ги понудија спортските инструктори Даниел Трбогазов, фитнес тренер од фитнес студиото „Мој тренер”, Елена Бубало Михајловска – фитнер инструкторка и Атанас Михајловски – крос фит тренер за Ultimate Fit Alebras, Ивана Каратукова, инструкторка за пауер пилатес од Power House Pilates, Искра Србиновска – јога инструкторка од The Yoga Place, Дрита Исљами – олимписка атлетичарка и Кристијан Кајчевски – кондициски тренер од Elite Sport Academy. Овие спортски инструктори своите вежби ги изведуваа во уредено студио приспособено на домашните услови, соопшти Град Скопје.

Како што информираат од Градот, денеска и утре ќе бидат објавени видеата со вежби и на инструкторките – Бисера Станкова Ковачевска, пилатес вежби и Кети Матеничарска Накова, класичен аеробик. Тие своите предлог-вежби ќе ги изведуваат на отворено. Во текот на наредните денови, деветте спортски инструктори ќе понудат нови серии вежби.

-Градот Скопје во соработка со тим еминентни и добро познати инструктори во различни домени на спортот за граѓаните подготвија онлајн видеа со различни типови вежбање, односно по неколку серии фитнес-кросфит, пилатес и пауер пилатес, аеробик, ултимејт фит, кондициски вежби, вежби за атлетика и јога. Во изминатиов период Градот адаптираше дел од Програмата за спорт за 2020 година со цел на граѓаните да им се понуди стручно одржување на формата и здравиот начин на живот додека се дома, односно додека се затворени теретаните, фитнес студијата и спортските сали, се наведува во соопштението на Град Скопје.

Скопје, 19 мај 2020 (МИА)


Видете следно

Водич за негување на нервниот систем- Совет број 3: Вежбајте ментална гимнастика

Кога целиот свет е фокусиран на една состојба, најдобриот лек секогаш е дефокусот од истата. …