Северна Македонија меѓу земјите со највисок скок во постигањата помеѓу две ПИСА тестирања


Учениците од Северна Македонија постигнаа исклучителен напредок во резултатите помеѓу двете последни ПИСА тестирања спроведени од страна на Организацијата за економска соработка и развој. Организаторот на меѓународната студија преку која се проверува јазичната писменост, математичката писменост, како и знаењата на учениците во областа на природните науки утрово го потврди напредокот, а резултатите денес во Владата ги презентираше и министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Адеми информираше дека резултатите од последното тестирање се најдобри досега, односно значително подобри во однос на резултатите кои нашите ученици ги постигнаа во изминатите две тестирања на кои учествуваа,  потенцирајќи ја потврдата на ОЕЦД дека сме една од земјите со најголем напредок помеѓу две тестирања.

„Конкретно, во областа на читање со разбирање учениците од Северна Македонија го остварија највисокиот скок, односно се на прво место по напредок. Во областа на природните науки на второ место по скок во резултатите и на трето место во областа на математиката“, рече Адеми, информирајќи дека успехот е постигнат во конкуренција на 79 земји кои изразиле интерес суштински и по меѓународни стандарди да ја проверат подготвеноста на учениците за практично да го применуваат знаењето кое го стекнале до 15 годишна возраст.

Споредувајќи ги резултатите од 2015 и 2018 година, Адеми информираше дека резултатите од проверката на способноста за читање со разбирање кои ги остварија учениците се подобрени за 41 поен, односно од 352 постигнати поени во 2015 година, на 393 поени во 2018 година; резултатите од тестирањето по природни науки се зголемени за 29 поени, од 384 во 2015 година на 413 поени во 2018, додека резултатите по математика се подобрени за 23 поени, од 371 на 394 постигнати поени.

Според официјалните ранг листи, Република Северна Македонија сега е на 62 место по резултатите од природни науки, на 66 место по читање и на 67 место по резултатите од математика. Напредокот е видлив, ако се има во предвид дека во 2015 година земјата беше на 68 место по резултатите од математика и на 69 место по резултати од природни науки и читање и тоа во конкуренција на 72 држави.

„Ценам дека напредокот е плод на суштинските промени кои се направија во изминатиот период во областа на образованието преку еден инклузивен пристап со учество на сите засегнати чинители. Но, исто така се и плод на добрата организираност за имплементација на ПИСА тестирањето“, рече Адеми, додавајќи дека пред официјалното, беше спроведено пробно тестирање, а во меѓувреме сите учесници во процесот – 760 наставници, директори и над 5.500 ученици беа добро обучени и конкретно насочени за постапување, што придонесе да биде разбрана суштината и важноста на овој процес.

Адеми нагласи дека резултатот треба да нé радува, но и како што рече, да нé мотивира да го одржиме континуитетот во креирање и спроведување на длабински образовни реформи во секој сегмент, на секое ниво и од секој аспект.

„Гледаме дека заложбите почнуваат да го даваат очекуваниот и проектиран позитивен ефект. А тоа е така, бидејќи политиките кои ги креираме се засноваат на објективни и кредибилни анализи и истражувања за тоа што навистина е потребно да се промени во образовниот систем“, потенцираше министерот за образование, додавајќи дека ваквиот начин и пристап на креирање политики, кај него влева оптимизам дека Северна Македонија ќе постигнува уште подобри резултати на следните тестирања.

Заблагодарувајќи се на сите учесници во процесот на ПИСА 2018 тестирањето, Адеми најави дека нашата земја веќе ги започна подготвителните активности и ќе биде дел од следното тестирање во 2021 година, откако претходно во 2020 ќе се спроведе пробен процес.

„Во меѓувреме, Владата, МОН и сите останати засегнати институции и чинители, продолжуваме со спроведување на реформите, на промените кои не можат да се случат преку ноќ, туку потребна е сплотеност, многу труд и работа. Ова постигнување е одличен показател дека се движиме на прав пат, да создадеме квалитетен и конкурентен национален образовен систем“, рече Адеми.

За Северна Македонија ова е трето учество на меѓународното ПИСА тестирање, по 2000 и 2015 година кога според резултатите бевме земја речиси на дното на ранг листите.


Видете следно

На денешен ден беше застрелан, а остана еден од најголемите музички икони на дваесетиот век

Џон Винстон Ленон е роден на 9 октомври 1940 е познат како пејач, композитор и …