Северна Македонија подготвена за национален мониторинг на шумите


Северна Македонија бележи важно достигнување во одржливото управување со шумите. Со дизајниран систем за мониторинг на шумите, земјата сега може да преземе понатамошни чекори за подобрување на политиките и донесувањето одлуки во насока на зголемување на придонесот на македонските шуми во националниот одржлив развој.

Дизајнирање на најмодерен систем за следење на шумите, прилагоден на потребите и условите на земјата, беше во фокусот на двегодишниот проект на ФАО и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), кој завршува со работилница во Скопје денес. Повеќе од 40 претставници од клучни министерства, национални институции во секторот шумарство, агенции, академијата, граѓанскиот сектор, меѓународни партнери и медиуми се дел од работилницата чијашто цел е презентација на предлог дизајнот на националниот систем за следење на шумите, вклучително неговите различни аспекти и можните опции за имплементација.

Неефикасно управување со шумските ресурси и недостаток на точни податоци се клучни предизвици во македонскиот шумарски сектор. Во исто време, обврските на земјата кои произлегуваат од Парискиот договор, Агендата 2030 и претпристапниот процес кон Европската Унија наметнуваат значителни барања во шумарскиот сектор од аспект на заштита на животната средина, одржливоста, како и економски аспекти. За адресирање на овие прашања, ФАО работеше со МЗШВ и со Шумарскиот Факултет во Скопје на процена на методологијата за спроведување на националниот инвентар на шуми, зајакнување на знаењето и воспоставување на широк консензус во врска со следење на статусот, користењето и промените во македонските шуми со текот на времето.

Беше спроведено детално истражување со далечинско снимање, користејќи сателити со висока резолуција за да генерираат информации за користењето и промената на земјиштето. Наодите покажуваат дека шумите (43 проценти) и други површини под шума (16,8 проценти) сочинуваат повеќе од половина од територијата на земјата, потврдувајќи го економското, социјалното и еколошкото значење на шумарскиот сектор во Северна Македонија.

На отворањето на работилницата, Нефрус Челику, Државен секретар при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство истакна дека шумарството е огромен ресурс кој обезбедува голем потенцијал во поглед на класичните шумски производи и разните екосистеми. Тој додаде дека политичките и економските промени во Република Северна Македонија во поглед на интеграциските процеси кон ЕУ, бараат сеопфатен фокус на реформите во управувањето со шумите, политиките и практиките земајќи ги предвид заштитата на животната средина, биодиверзитетот и климатските промени. Оттука, овој проект е важна основа за систематско планирање на шумите и шумски информациски систем кои и е потребен на земјата, заклучи тој.

“Од сега па натаму, мониторингот на македонските шуми може да се врши со современи методи кои обезбедуваат сигурни и точни информации”, истакна офицерот на ФАО за шумарство, Норберт Винклер-Ратоњи. “Само висококвалитетни информации може да се искористат за мултифункционално национално планирање, политики и носење одлуки за решавање на сегашните и идните прашања поврзани со шумарството, како и исполнување на меѓународните обврски за известување поврзани со заштитата на биолошката разновидност и ублажувањето на климатските промени”.

Винклер- Ратоњи изрази надеж за континуирана соработка во блиска иднина. “Дизајнот на националниот инвентар на шуми отвора можности за зајакнување на националните капацитети и заедничка работа за ефективно управување со и одржлив развој на шумарството во Северна Македонија”, истакна тој.

Тој додаде дека, врз основа на тековните напори, ФАО се подготвени за соработка со Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и национални и меѓународни партнери во следната фаза на имплементација на шумарски мониторинг и информациски систем.


Видете следно

УЈП: За неколку дена истекува рокот за увид во претпополнетата ГДП за 2018 година

Управата за јавни приходи ги информира граѓаните дека на 31.05.2019 истекува рокот за увид во …