Севкупно валоризирање на професионалниот статус на полициските службеници останува висок приоритет за МВР


„Полициската професија, без оглед за кој нејзин сегмент станува збор, е специфична и пред сè, крајно одговорна. Имајќи го предвид законскиот делокруг на работните задачи – токму од квалитетот на нејзиното функционирање зависи и степенот, односно квалитетот на личната и правна сигурност и безбедност на сите граѓани, и на државата, во целост. Затоа, неспорна е  потребата од континуирана грижа за социјално и нормативно валоризирање на професионалниот статус на полициските службеници, односно на сите вработени во МВР“, порача денеска од Охрид заменик претседателот на Владата на РС Македонија и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, на затворањето на 16. Спортски игри и средби на членовите на Македонскиот полициски синдикат.

На оваа традиционална и квалитетна спортско-рекреативна манифестација со меѓународно реноме на учесниците од Македонскиот полициски синдикат им се придружија и колегите од единаесет европски земји, како и челните луѓе на европското полициско синдикално движење.

Истакнувајќи го значењето на Македонскиот полициски синдикат за полициските службеници, министерот Спасовеки се осврна на приоритетот што го постави актуелното раководство на МВР за унапредување на професионалниот статус на вработените во полициските служби преку концептот за подобрување на материјално-техничките услови за работа, но и подобрување на нивната социоекономска позиција.

„Само кусо ќе ги нотирам најзначајните активности: прво, зголемување на платите на полициските службеници, но и на сите вработени во министерството – што, пак, од овој месец и официјално ќе се реализира; потоа – комплетно обновување на најважниот дел од материјалните средства за работа на полицијата  – полициската униформа и опремата. Комплетни униформи веќе добија Единицата за специјални задачи, потоа  воздухопловниот персонал, како и Одделот за обезбедување на личности и објекти, а во тек е комплетирање на  униформите  за Единицата за брзо распоредување и Посебната единица за поддршка. За оваа активност обезбедивме над сто милиони денари. Во контекст на ова би ја споменал и  реализацијата на проектот за санирање и реновирање на материјално-техничката инфраструктура, во чии рамки досега веќе се завршени над 33 објекти, за кои од буџетот на министерството се издвоени над 40 милиони денари“, посочи Спасовски.

Според него, континуирано ќе се работи на реално востановување на модерна, опремена, професионално подготвена, но и задоволна полициска служба, согласно сите европски полициски стандарди. Честитајќи им на победниците во повеќето спортски дисциплини, но и на сите учесници во игрите за успехот и за залагањето, Спасовски подвлече дека негувањето на спортскиот дух, натпреварувањето и дружењето, како и можноста за дополнителна размена на професионални искуства ќе бидат силни сојузници во професионалните предизвици и ангажмани на сите учесници на Спортските игри на членовите на Македонскиот полициски синдикат.



Видете следно

Одржана 35-тата седница на Советот на Општина Центар

Советот на Општина Центар, вчера ја одржа редовната 35-та седница. Од 23-те точки на Дневниот …