Шаќири: Математичарот Амир е потврда дека на талентираните деца им треба лична волја за успех и посветени наставници


Младиот Амир покажа дека ниедна животна препрека не може да те спречи во желбата да успееш во тоа што го сакаш и во што ќе вложиш многу труд. Нам, како претставници на државата ни останува да го поддржиме во неговата лична борба за повисоко образование и остварување на потенцијалите, што несомнено ги поседува, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири по средбата со Амир Дестанов од основното училиште „Браќа Рамиз Хамид” и од Дневниот центар за деца од улица, кој освои награда на натпреварот „Кенгур”.

– Амир е наша гордост. Неговите резултати по математика се уште позначајни, затоа што нема исти услови за учење како другите деца. Амир, и другите талентирани деца, заслужуваат разбирање, внимание и целосна системска поддршка. Ние сме мала земја која треба да ги негува своите талентирани деца. Ова е посебно важно за надарените деца, кај кои семејната грижа ја нема или е недоволна, но затоа имаат цврста волја да ги надминат состојбите во кои се наоѓаат и да го постигнат максимумот од личните можности, нагласи министерот Шаќири.


На состанокот присуствуваше и Арабела Илјаз од Министерството за образование и наука, која е координатор на процесот за креирање и имплементација на ромски образовни политики.

Од Министерството за образование и наука соопштија дека ќе продолжат да ги развиваат политиките за поддршка на талентираните ученици, преку обезбедување на нови и дополнителни можности за развој на нивниот потенцијал, покрај можностите кои и сега се достапни за стекнување на правото за користење на одредена категорија на стипендија и други парични надоместоци, можности за побрзо напредување и преминување од едно во друго одделение, поддршка преку покривање на трошоците за учество на меѓународни натпревари и олимпијади, можности за едукација во новоотворената Математичко – информатичка гимназија во Скопје, како и доделување средства преку Фондот за иновации и посебни програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации. бт/сп/



Видете следно

МОТ: Меѓусекторска соработка и инвестирање во сите региони за поголема успешност на мерката Гаранција за млади

На Меѓународниот ден на младите – 12 август, Меѓународната организација на трудот (МОТ) ги презентира …