Шаќири се обрати на семинар за заживување на изучувањето на францускиот јазик во образовните системи во Западен Балкан


Човек вреди онолку колку што јазици зборува. Верувам сите се согласуваме со оваа стара поговорка, затоа што познавањето на секој јазик е дополнителен мост, а непознавањето ѕид во комуникацијата со другите, во ширењето пријателства и во стекнувањето на знаења за културите на другите народи.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на отворањето на семинарот за заживување на наставата по француски јазик во образовните системи на земјите од Западен Балкан што денес се одржува во Скопје, а го организира амбасадата на Франција во Северна Македонија.


Министерот рече дека можноста за учење на јазици различни од мајчиниот, треба да им биде овозможена на граѓаните уште од најрана возраст и секој кој ќе оцени дека тоа е корисно и ќе му послужи во животот, да може да се надгради. Потенцираше дека Владата е насочена во тој правец и дава поддршка на и на изучувањето на францускиот јазик во границите на државата.

„Повеќе од 2 децении имаме одлична соработка со амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, со Меѓународната организација за франкофонија и со Регионалното биро за централна и источна Европа. Францускиот јазик се изучува во основното и средното образование, а воедно и традиционално организираме регионален летен универзитет по француски јазик и култура во мојот роден град – Струга, преку кој се промовираат вредностите и важноста на овој јазик, се дава поддршка и се обезбедува обука на наставниот кадар кој предава француски јазик или пак предава други наставни предмети на француски јазик во училиштата“, рече Шаќири.


Министерот потенцираше и дека двете земји Северна Македонија и Франција имаат потпишано договор со кој се формализира и прецизира соработката и поддршката која долги години постои за основање на франкофонски двојазични паралелки во средните училишта кај нас, односно паралелки во кои дел, или попрецизно 25% од содржините по најмалку два предмети се изучува на француски, додека самиот наставен предмет француски јазик се изучува најмалку 5 часа во неделата.

„Вакви училишта имаме неколку, а очекуваме во иднина бројката да се зголемува“, нагласи министерот, додавајќи дека во Скопје повеќе од 20 години функционира Француското интернационално училиште кое работи со ученици од шест годишна возраст па нагоре, во делот на основното образование и кое е акредитирано од француските министерства за национално образование и за Европа и надворешни работи, а работи според француските закони и практики.


„Лично сметам дека францускиот јазик треба да се афирмира уште повеќе и затоа, добро е што се организираат настани во ваков формат. Добро е да се запознаеме и со искуството на земјите од регионот, па и пошироко, како тие придонесуваат за подобро позиционирање на францускиот јазик во нивните општества и секако, добрите практики да ги разгледаме и да одлучиме дали можат да имаат соодветна примена и кај нас“, рече Шаќири.

На семинарот се обратија и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, директорот на Францускиот институт во Скопје Иго Бештел, претседателката на Здружението на професори по француски јазик во земјава Јулијана Јозиќ, како и претставници на Бирото за развој на образованието и на неколку локални самоуправи.


Видете следно

Национален натпревар за најдобри ученички компании

Јуниор ачивмент Македонија денеска во Струга организира Национален натпревар на ученички компании, настан на кој …