Шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ Османи во посета на Косово


Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи денеска ќе престојува во Косово каде што ќе има средби со претседателката Вјоса Османи Садриу, со премиерот Албин Курти, како и со вицепремиерката и министерка за надворешни работи Доника Гервала Шварц.


Како што соопшти МНР, на средбите Османи ќе се осврне на поддршката од страна на ОБСЕ за реформските постигнувања на косовските институции и заедници кои заедно со Мисијата на ОБСЕ во Косово постигнаа видлив напредок во промовирањето на функционални демократски институции, човековите права и владеењето на правото.


 Покрај официјалните средби претседавачот Османи заедно со премиерот Курти, ќе ја посети и Академијата за јавна безбедност каде ќе се сретне со полициските кадети од немнозинските заедници.

Исто така, предвидена е посета и на Регионалниот центар на ОБСЕ во Митровица, каде Османи ќе учествува во дебата со младинските граѓански организации.


Министерот Османи во Приштина доаѓа по посетата на Белград, каде вчера на прес-конференцијата по средбата со Дачиќ изјави дека ОБСЕ ги подржува реформските процеси, борбата против корупцијата и регионалното помирување, а дијалогот е ефикасно средство што се огледа и преку примерот со Северна Македонија.

-Ние никогаш не можеме да престанеме да разговараме за работи кои се важни и за дијалогот на Белград и Приштина со посредство на ЕУ, драго ни е што бевме домаќини на Охридскиот договор, кој ќе придонесе за продолжеток на овој процес и на регионалната стабилност.


Оваа подршка ќе ја повторам и утре кога ќе бидам во посета на Приштина.

ОБСЕ себе се гледа како платформа за промоција на човековите интереси и наш фокус е мирот и просперитетот, порача Османи во Белград. вг/са/ .


Извор: МИА