Шекеринска во официјална посета на Романија: Силна поддршка за почеток на пристапните преговори со Унијата


Романија е активен поддржувач на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија, беше потврдено на денешните средби на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска со романската премиерка Виорика Данчила и со министерот за национална одбрана Габриел Бениамин Леш во Букурешт.

„Северна Македонија со право очекува следната недела да го добие долгоочекуваниот датум за почеток на пристапни преговори со Унијата, не затоа што сакаме подароци, туку зашто тоа го заслуживме. Единствениот начин мојата земја да биде модерна, европска демократија е нашиот фокус да биде иднината и просперитетот на нашите граѓани”, рече министерката Шекеринска која е во официјална посета на Романија.

Премиерката Виорика Данчила и честита на Шекеринската за прогресот кој Северна Македонија го направи кон НАТО и рече дека Романија активно го поддржува европскиот пат на земјата.Таа понуди помош при отворањето на поглавјата во преговорите со Европската унија и рече дека отворањето на преговорите ќе биде позитивен импулс за целиот регион.

На средбата со својот романски колега Габриел Бениамин Леш, Шекеринска рече дека двете земји имаат искрен интерес одбранбената соработка да се продлабочи уште повеќе. За 2019 година, спомена, планирани се 16 заеднички активности, кои се реализираат навремено, а планот за 2020 година е во завршна фаза на усогласување. Овој план вклучува соработка во военото образование, стручно – специјалистичката обука и експертските разговори во доменот на одбраната.

Министерот за национална одбрана, Леш, порача дека Романија секогаш ќе биде доверлив пријател и сојузник на Северна Македонија, додавајќи дека на министерката Шекеринска и честитал за успешно завршените чекори во пристапувањето кон најмоќниот воено – политички сојуз на денешницата, НАТО – Алијансата.

„Фактот дека ќе бидеме 30 сојузници во рамките на НАТО, ќе ја направи Алијансата посилна, а со сигурност ќе придонесе за подобрување на безбедносното опкружување на Балканот”, рече министерот Леш.



Видете следно

Ангеловска-Бежоска за Гласот на Америка: Македонската економија не е директно изложена на ризиците од глобалните трговски тензии

„Македонската економија не е директно изложена на ризиците од глобалните трговски тензии. Нашата трговија и со …